Обвинителство: Портпаролка за култура обвинета за измама – наплатила 3.000 евра за лажни ветувања

by fokus

Велешкото Основно јавно обвинителство по спроведената истрага до Основниот суд поднело обвинителен предлог против портпаролката во кабинетот на заменик-министерот за култура, Драган Недељковиќ, за кривични дело измама, јави Мета.

Како што соопшти денеска јавното обивнителство, обвинетата Д.Н.К. во текот на август и на почетокот од септември им ветила на татко и на ќерка дека за одреден паричен надомест може да го вработи нивниот син, односно брат во МВР, преку огласот за прием на полицајци, кој бил во тек.

„Притоа таа се повикувала на блиски пријателски односи со влијателни луѓе од актуелната власт и од МВР, со што ги навела оштетените да ѝ исплатат вкупен паричен износ од 183.500 денари (околу 3.000 евра н.з.) и тоа етапно, како што течеле активностите околу конкурсот за вработување“, стои во соопштението од Обвинителството.

Три дена по последната уплата на парите, се додава во соопштението, таткото и ќерката, откако биле известени по телефон од портпаролката, отишле во Центарот за обуки на МВР во Идризово за да потпишат договор за вработување, но оттаму им било кажано дека не е организирано потпишување договори и дека нивниот син, односно брат, воопшто не е примен на огласот за обука на полицијаци.

„Во текот на истрагата беа испитани оштетените лица и сведоци, а беа прибрани и повеќе материјални докази во поткрепа на обвинителниот предлог“, велат од Јавното обвинителство.

Поврзани новости