Обвинителката Вилма Рускоска вечерва образложи зошто побарала притвор за екс шефот на тајната полиција Владимир Атанасовски, кој вчера на судењето за крвавиот четврток беше посочен од браќата Младеновски за главен организатор за настаните од 27 април.
„За ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски побарав мерка притвор по 3 основи: опасност од бегство; влијание врз сведоци за што е способен со оглед на функцијата што ја извршувал; опасност од повторување на кривичното дело“, изјави ноќва пред Основниот суд Скопје 1 обвинителката шефица на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која за Атанасовски поднела предлог за притвор од 30 дена.
Таа појаснувајќи го третиот основ по кој бара притвор за Атанасовски, рече дека во моментов се протестира пред Собранието и тие се мирни протести, но и дека протестите на „За заедничка Македонија“ беа мирни, па на крајот резултираа со крвав настан на 27 април 2017.
Се очекува судија на претходна постапка да донесе одлука дали Атанасовски ќе заврши во притвор.