Обвинение за Зоран Теофиловски, член на Судскиот совет

by fokus

Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинение против седум лица за нелегална приватизација на земјиште во Тетово, а меѓу обвинетите е и судијата Зоран Теофиловски кој е актуелен член на Судскиот совет, потврдуваат за Фокус од Обвинителството. Соопштението дека е покренато обвинение е објавено на 31 декември, непосредно пред Нова Година, само со иницијали на обвинетите.

Според обвинението, Теофиловски во периодот од 2011 и 2012 година, како претседател на Тениското спортско здружение Љуботен Тетово заедно со управителот на Друштво за спортски активности Тениски Клуб Љуботен ДОО Тетово, преку петмина службеници издејствувале да биде легализиран објект кој не постоел, а потоа бил продаден. Тие се товарат дека овозможиле Тенискиот клуб Љуботен, да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште со површина од 4.410 м2, откупувајќи го по цена од 43 денари за 1 м2 односно вкупно за 188.307 денари, а на штета на средствата на државата.​

-Обвинетите З.Т., А.Н, К.И., И.К. и Џ.А. овозможиле, правното лице, противправно да се стекне со право на сопственост на непостоечки објект со површина од 122 м2, а се со цел исполнување на условите од чл.23 од Законот за постапување со бесправно изградени објекти и чл.20 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост со кој се пропишува стекнувањето на право на сопственост на објект и ексклузивно правно на откуп на земјиште, како и негова приватизација. Обвинетиот Ц.Н. со намера правното лице да се стекне со право на сопственост на градежно земјиште во државна сопственост во површина од 4.410 м2, спротивно на чл.14 ст.3 и чл.20 од Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, иако градежната парцела не била дефинирана со урбанистички план, ниту правното лице градежното земјиште го користело по основ на стекнато право на сопственост на објект со правна основа, спротивно на законските услови, поднел Барање за купување на градежно земјиште сопственост на Р.Македонија. Кон Барањето поднел Извод од план изготвен и потпишан од обвинетиот Џ.А. во кој бил внесен невистинит податок, по што обвинетиот И.Р. како службено лице излегол на лице место и по извршениот увид, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, во Записник внел невистинит податок дека извршил премер и идентификација катастарската парцела и по увидот во ДУП и ЛУПД, констатирал дека истата се вклопува во намената. Врз основа на ова Министерство за финасии, Сектор за управна постапка, Подрачно одделение за првостепена управна постапка Тетово, донело правосилно Решение за приватизација на градежно земјиште, соопштуваат од Обвинителството.

Точно пред една година, Обвинителството бараше притвор за Теофиловски за овој случај, но Судскиот совет му го одзеде имунитетот, a не го одобри барањето на Обвинителството да му биде одреден притвор.

-Судскиот совет на денешната седница донесе Решение со кое го одзеде имунитет на член на Советот заради непречено водење на кривичната постапка и донесе Решение со кое не го одобри барањето за определување на мерка притвор за член на Советот, поднесено од страна на судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје, соопшти тогаш Судскиот совет.

Името на Теофиловски пред да биде избран за член на Судскиот совет се поврзуваше и со караница со неговиот колега кого го пцуел и колнел на тетовските гробишта бидејќи отфрлил негова тужба против приватно лице. Теофиловски е зет за сестра на поранешната претседателка на Судскиот совет, Александра Зафировска чиј глас се слушаше во „бомбите“ што ги објави опозицијата, а се најде и во посебен извештај на сега веќе згаснатото СЈО. Во тој извештај пишуваше дека Зафировска ширум ја отворила вратата за политички влијанија и ѝ овозможила на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ целосно да ги контролира институциите на судскиот систем.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости