Прва во светот, Британија почнува вакцинација со Оксфордската вакцина

by fokus

Во Велика Британија од денеска почнува да се користи вакцината против Ковид-19 на фармацевтската компанија АстраЗенека и Универзитетот Оксфорд.

Вкупно 530.000 дози од вакцината досега се дистрибуирани во шест англиски болници. Британската Влада најави дека во рок од неколку месеци ќе бидат испорачани десетици милиони дози.

– Ова е клучен момент во нашата борба против овој ужасен вирус и се надевам дека дава нова надеж оти се гледа крајот на оваа пандемија, истакна британскиот министер за здравство Мет Хенкок.

Минатиот месец Велика Британија, прва во светот, почна со употреба на вакцината на Фајзер и БиоНтек, која мора да се чува на многу ниска температура. Досега таа вакцина ја примиле околу еден милион Британци.
Вакцината Оксфорд/АстраЗенека е поевтина и може да се чува во фрижидер, па поради тоа полесно се транспортира и користи.

Изминатите четири недели во Велика Британија регистриран е значителен пораст на бројот на новозаболени. Вчера се пријавени 55.000 инфицирани луѓе со Ковид-19. Вкупниот број на смртни случаи од почетокот на пандемијата е над 75.000 луѓе, со што Велика Британија е на второ место во Европа по починати лица од последици од Ковид-19.

Поврзани новости