Предизборието го остави Јани на ,,чекање”: Донациите се единствено решение за младото момче!

by fokus

Поради Законот за здравствено осигурување со кој се дава можност пациенти од земјава кои се осигурани да се лекуваат во странство на државна сметка ако се исцрпени можностите за лекување во државата, и според кој Фондот за здравствено осигурување не може да ги покрие трошоците за специјализирана медицинска рехабилитација, а кој датира од 2000 година, ние се уште сме оставени на милоста на хуманите граѓани и чекаме донации, за да може нашиот син да се лекува и рехабилитира во соседна Грција.

Сите предизборни ветувања се ставени на чекање, и додека трае ова предизборие, ние се снаоѓаме како знаеме и умееме, за да ги покриеме трошоците за нашиот син Јани – за „Фокус” вели Васил Иванов од Неготино, чиј 20-годишен син речиси две години се наоѓа во специјализиран центар за рехабилитација во Лариса, соседна Грција.

Момчето кое е познат велосипедист во градот, во јули 2022 година се здоби со тешка повреда во Грција и заврши со дијагноза параплегија. По 66 дена во болница во Солун, каде му биле извршени две операции за кои се собрале пари од хуманите граѓани, тој беше донесен во Македонија и сместен на КАРИЛ.

Но, како што раскажа неговиот татко, за неговата состојба е потребна долга рехабилитација и лекување, со цел да може да функционира самостојно во количка, а во земјава такви услови нема. Специјализиран центар за пациенти со слични повреди не постои во Македонија, а на семејствата кои не можат финансиски да си дозволат престој во странски центар, им преостанува да си ги донесат децата дома и самите да се грижат за нив.

-Значи долг е овој макотрпен период, кога постојано молиме за донации, и сме во исчекување дека конечно нешто ќе се смени, дека ќе биде изменет овој стар закон, бидејќи не е само мојот син Јани, има и други пациенти во слична состојба. Пред неколку месеци, кога во центарот на вниманието се најде случајот со младиот Леонид Индов од Скопје, се актуелизираше и нашиот проблем.

Се изнаслушавме на ветувања, но и на правдање дека додека трае предизборието, не може да се очекува системско решение, а министерот за здравство, Демири, пред камери кажуваше дека ќе се најде решение да му се помогне на Леонид, но и на секој еден пациент кој има потреба. Ветуваше дека ќе има средба и со нас, со нашето семејство, откако апелиравме здравствените власти пак да го разгледаат случајот и да донесат правилна одлука.

И додека ние чекаме, а истовремено и трчаме на сите страни за да се соберат потребните средства за престојот на Јани, целата држава е окупирана со изборите, и сме препуштени самите да се снаоѓаме како знаеме и умееме.

Само креветот во Лариса за еден месец изнесува 7.500 евра, плус потрошните материјали, и на крај месечно ни се потребни околу 10.000 евра за престојот. Има резултати, има мало подобрување на состојбата, а нам секој дури и најмал напредок многу ни значи. Тоа што Јани го добива во Лариса, овде го нема, сите тие современи апаратури, физиотерапија, терапија во вода неколкупати неделно… Кај нас на КАРИЛ дури и немаа антидекубитусни душеци, па додека беше таму, Јани доби огромни декубитуси.

Немаат споредба нашите услови, со условите во странство, а ние како родители, се додека имаме најмала надеж, не смееме да се откажеме. Ако овде, во Македонија ги имаме истите услови, секако дека ќе си го донесеме синот и нема да го живееме животот кој сега го имаме, на сите страни, во постојана потрага по средства.

Затоа, додека од сите страни периодов слушаме ветувања за подобар живот, да потсетам предизборно, да не се заборават овие случаи, бидејќи сме во незавидна ситуација – апелира Иванов.

Во меѓувреме, во Неготино константно се одржуваат хуманитарни настани за собирање на средства за престојот на Јани во Лариса.

И додека се чека државата да најде системско решение за Јани, но и за други пациенти во слична состојба, донациите се единственото решение кое го имаат нивните семејства.

Сите кои сакаат да донираат за Јани, за да продолжи неговото лекување во Лариса, можат да го направат тоа на телефоните за донации А1 143 470 и Т 143 124, или пак на сметка во Стопанска банка 200 003894558043.

Вики Клинчарова

Поврзани новости