Нудиме квалитетни концерти со реални цени, велат од Сцена Продукција за најавените музички настани

by fokus

Укинувањето на забраната за настапи во живо, придонесе периодов Македонија да биде буквално преплавена со најави за концерти на звучни музички имиња од регионот, но и од земјава. Она коешто станува редовна пракса, посебно кога се гостите од страна во прашање, се нереалните цени на пакетите кои се нудат.

Вчера на пример, јавноста остана во неверување од сумата од 30.000 денари за пакет од шест влезници и шише виски или шампањ, по избор, за настапот на Саша Ковачевиќ во Охрид. Најевтината понудена варијанта беше четири влезници и шише вино за 6.000 денари.

Дека не е секаде идентична атмосферата, и дека не мора да се вовлече раката длабоко во џеб, за да се присуствува на музички настан, појаснуваат од Сцена Продукција, кои веќе најавија неколку настани во наредниот период.

Станува збор за концертот на ,,Дивље јагоде” на ракометното игралиште во Битола, кој ќе се одржи на 21-ви јули, но и за јубилејниот концерт на ,,Љубојна”, на истата локација, на 20-ти јули.

-Влезниците за настаните се пуштени во продажба и за време на промо периодот изнесуваа 400 денари, додека на врата најверојатно ќе се продаваат по 500 денари. Бидејќи се работи за настан на отворен простор, според сите прописи поврзани со пандемијата, ќе бидат поставени и високи маси, за кои е потребна резервација.
Нема суми од 500 евра за маса на нашите настани, имаме понуди, на пример, за шише џин од 1.700 денари, па се до вотка по цена од 4.250 денари. Такви нарачки најчесто се прават кога на маса се наоѓаат луѓе кои пијат ист пијалок, но секој во публиката може да порача било што, пиво за 100 денари, безалкохолни пијалоци, вода… Ова се класични концерти, мора да бидеме реални со цените – вели Влатко, челниот човек на продукцијата.

Сцена Продукција лани ги имаше првите концерти во своја организација. Настапија ,,Галија” на трети септември и ,,Нокаут”, со Игор Џамбазов и Венко Серафимовски како гости на седми септември. Според пазарниот инспекторат, концертите беа оценети како одлично организирани во време на пандемиски услови, со почитување на сите мерки кои тогаш беа актуелни.

Од продукцијата најавуваат дека во план им се и други настани летово, најверојатно на Антички театар во Охрид. Потенцираат дека сите мерки за заштита ќе се почитуваат, бидејќи не сакаат да биде загрозено ничие здравје.

-Нудиме музика и добри забавни настани за сите. Не би навлегувал во детали околу тоа што некаде се нудат пакети за настани по цени кои се доста високи на нашиот просечен стандард, можеби ете некој има и таква клиентела, која сака посебна услуга и е спремна да плати за тоа. Кај нас концертите се класични, сакаме народот да го расположиме по сето ова што ни го донесе пандемијата, и секако по долгите периоди без музички настани, не само кај нас, туку и во целиот свет. Очекуваме голем интерес за концертите, веруваме дека музичкиот избор е на место, бидејќи се работи за естрадни имиња чија музика се слуша со генерации – изјавија за ,,Фокус” од Сцена Продукција.

Вики Клунчарова

Поврзани новости