Новиот претседател на Иран бил член на „панелот на смртта“

by Fokus

Иранскиот ултраконзервативен кандидат Ебрахим Раиси води на претседателските избори во Иран по преброени 90 отсто од гласовите, јави иранското министерство за внатрешни работи.

Броењето на гласовите сè уште трае, но Раиси досега собра 62 отсто.

За него гласале речиси 18 милиони Иранци, од вкупно 28 милиони колку што излегле на изборите. Право на гласа имаа околу 59 милиони.

Врховниот ирански лидер Али Хамнеи вчера со своето гласање официјално ги отвори гласачките места.

Граѓаните на Иран бираат нов претседател затоа што сегашниот шеф на државата Хасан Рохани повеќе не може да се кандидира. По два последователни четиригодишни мандати тој повеќе не може да се кандидира за претседателската позиција.

Меѓу гласачите е раширена апатија, пишува Франс прес.

-Сеедно е дали ќе гласам или не, некој е веќе избран. Тие организираат избори за медиумите,  изјави за француската агенција трговец од Техеран.

Речиси 600 кандидати, меѓу кои и 40 жени, се пријавија за изборите.

Меѓутоа, на крајот беа одобрени само 7 кандидати, а пред изборите отпаднаа уште три. Советот кој одлучувал за кандидатите се состои од 12 правници и теолози.

Ваквиот резултат беше очекуван, а меѓу противкандидатите на Раиси се поранешниот лидер на Револуционерната гарда Мохсен Резај, ултраконзервативниот поранешен преговарач за нуклеарната програма Саид Џалил и Андулнасер Хемати.

Важно е да се истакне дека Раиси е кандидат на Хамнеи, на изборите е забележана слаба излезност а бројни кандидати се дисквалификувани.

Раиси, кој е под американски санкции, се истакна како предводник откако изборното надзорно тело им ја забрани кандидатурата на сите посериозни ривали.

Аналитичарите гласањето го опишаа како најнеконкурентни избори во земјата од воспоставувањето на Исламската република во 1979 година.

На минатогодишните парламентарни избори не се одзваа 57 отсто од гласачите па конзервативците однесоа надмоќна победа откако илјадници главно реформистички и умерени кандидати беа дисквалификувани.

Претседателот на Иран во заминување, Хасан Рохани, наместо честитка до Раиси, им честиташе на народот на Иран и на врховниот лидер.

„Затоа што сè уште не е официјално најавено, ќе ја одложам официјалната честитка. Сепак, јасно е кој доби најмногу гласови“, кажа Рохани.

 

 

Раиси е инаку жесток критичар на Западот. Хамнеи во 2019 година го постави за шеф на правосудството, а бројни критичари го напаѓаат за долгогодишно кршење на човековите права.

Раиси во 1988 бил член на „панелот на смртта“, советот кој го надгледувал масовното погубување на околу 5.000 политички затвореници. Во советот имало четири члена.

Некои ирански медиуми го сметаат и за можен наследник на ајатолахот Хамнеи.

Победата на Раиси би значела дека, набрзо откако Џо Бајден го смени Доналд Трамп во Белата куќа, политиката во Техеран би можела да натежне на другата страна.

Аналитичарите сметаат дека тоа веројатно нема да доведе до прекин на преговорите во Виена за нуклеарниот договор со светските сили (Русија, Кина, Франција, Германија и Британија), кои во последно време се обидуваат да посредуваат меѓу Иран и САД.

Болните последици од американските санкции, кои предизвикаа колапс на иранската валута, галопирачка инфлација и спирала на невработеност, беа главна тема на изборите и сите седум претседателски кандидати сметаат дека Иран треба да се врати на нуклеарниот договор за да се укинат санкциите.

 

Поврзани новости