Делта сојот се шири во Москва, рекорден број новозаразени втор ден по ред

by Fokus

Во Москва денеска се пријавени 9.120 нови случаи на коронавирус, што е нов црн рекорд за 24 часа, соопшти Владата.

Рускиот главен град вчера пријави 9.056 новозаразени, покажуваат владините статистички податоци, а пред две недели имало околу 3.000 случаи на ден.

Овој нов бран на Ковид-19, според надлежните, се должи на таканаречената делта варијанта на вирусот што се појави во Индија и се заканува дека ќе ги преоптовари московските болници.

Заменик-градоначалничката на Москва, Анастасија Ракова, во писмена изјава рече дека градот ќе го зголеми бројот на болнички кревети за болни од Ковид од 17.000 на 24.000 во следните две недели

Во главниот град, кој има население од 12 до 13 милиони жители и е жариште на пандемијата во Русија, денеска имаше повеќе од половина од бројот на заразени во земјата.

Вчера, градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин рече дека скоро 90 проценти од пациентите биле заразени со делта варијантата на коронавирусот. Тој информираше дека поради тоа воведува нови рестрикции, кои подразбираат откажување собири со над 1000 луѓе. Поради тоа мораше да се затвори и „фан зоната” на Европското фудбалско првенство на стадионот Лужњики.

Од минатиот викенд до 29 јуни затворени се ресторани, трговски центри и детски игралишта во парковите.

Ширењето на коронавирусот се припишува на бавната вакцинација затоа што голем број Руси не веруваат на вакцината произведена во нивната земја, на отсуството на ограничувачки мерки во последните месеци и непочитувањето на мерките за физичко растојание и носење маска.

Од декември, само 19,4 милиони од 146 милиони Руси примиле барем една доза на вакцина.

Поврзани новости