Нови парламентарни избори во 2022 година?

По се изгледа, следната година ќе ги имаме шестите по ред предвремени парламентарни избори, вели за Фокус политичкиот аналитичар Џелал Незири.

by Фокус

Дали и кога ќе се одржат нови предвремени парламентарни избори – ова прашање се постави откако ВМРО-ДПМНЕ, ААА, Левица и Беса објавија дека имаат ново парламентарно мнозинство, кое, како што најави опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, ќе покрене постапка за недоверба на владата, доколку премиерот Зоран Заев до понеделник не поднесе оставка.

Неизбежен е фактот дека земјата влегува во нова политичка криза. Или пак не успеа да излезе од постојаната политичка криза, во која влезе во 2006 година, кога и се одржани последните регуларни парламентарни избори. Оттогаш се одржани пет предвремени парламентарни избори, а по се изгледа следната година ќе ги имаме шестите по ред – вели за Фокус политичкиот аналитичар Џелал Незири.

Инаку, тој смета дека ова ново мнозинство има цел само да изгласа недоверба на владата, по што целиот кабинет на Заев би требало да поднесе оставка. Потоа, како што вели Незири, се почнува од почеток – од давање мандат за обезбедување на парламентарно мнозинство до формирање на нова влада.

Иако Мицкоски и неговите сопартијци во изминатиот период говореа дека евентуалното формирање на ново парламентарно мнозинство е во функција на распишување на предвремени парламентарни избори, на кои би се потврдила волјата од изминативе локални избори, денес тој излезе со поинаков став.

Имено, тој најави дека прво ќе се обиде да формира влада на сериозен кредибилитет, со силни институции што ќе гарантираат стабилност, нова енергија и ефикасност во реформите, која, како што изјави, ќе го истера мандатот до 2024 година, справувајќи се со сите кризи. Дури ако не успее во таа цел, тој рече дека се отвора опцијата за избори.

Во таа насока, причината за малата промена на позицијата можеби ја даде генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари, кој истакна дека не се потребни брзи предвремени парламентарни избори, бидејќи, според него, прво треба да се расчистат и декриминализираат институциите од ДУИ.

Оттука, ВМРО-ДПМНЕ преферирал брзи избори со цел да го ефектуира позитивниот тренд од локалните избори, меѓутоа албанските партии инсистираат прво да се формира нова влада без ДУИ, бидејќи, според нив, злоупотребата на институциите од страна на ДУИ  е клучно зошто Али Ахмети постојано ги победува на избори.

За потсетување, ДУИ и Ахмети отидоа во опозиција во 2006 година, кога ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски направија влада со ДПА на Мендух Тачи, но интегративците две години правеа постојана политичка криза и во 2008 година од опозиција повторно убедливо победија на изборите.

В.С.

Поврзани новости