Тактизирањето на ДУИ и одовлекувањето на формирање на новата влада прави огромни штети во стопанството на Македонија, алармира бизнис- заедницата. Според бизнисмените, на новата влада ќе и треба најмалку една милијарда евра за подмирување долгови и заживување на стопанството.
-Новата влада сериозно треба да се потруди да ги врати долговите на државата кон јавните претпријатија и компаниите при што треба да позајми околу една милијарда евра за стопанството да профункционира – рече професорот Горан Рафајловски, на одбележувањето 95 години Стопанска коморана Македонија.
Тука беше посочено дека, ако не беше Македонија во политичка криза, економијата во текот на изминатите две години ќе постигнеше далеку подобри резултати.Бизнисмените се пожалија и дека техничката влада не ги исполнува обврските кон бизнис секторот.
Претседателот на Стопанска Комора на Македонија, Бранко Азески истакна дека идната влада треба веднаш да го воспостави дијалог со бизнис-заедницата, за подобра имплементација на законите и вклучување на бизнисмените во интеграција.