Нов скандал во гиманзијата во Неготино: Професор испратил друг ученик на државен натпревар, а побарал на дипломата да стои името на неговиот син!

by Fokus

Професор од гимназијата ,,Свети Кирил и Методиј” во Неготино однел ученик на државен натпревар од електро струка, а кога ученикот освоил трето место, професорот барал дипломата да биде напишана на името на неговиот син. Случајот е пријавен во полиција, се работи на негово расчистување, а до тогаш не можеме да откриваме повеќе детали, како и идентитетот на професорот – вели за ,,Фокус” портпаролот на СВР Велес, Верољуб Додевски, по повод скандалот кој ја тресе неготинската гимназија и е актуелен во градот.

-Родителите на ученикот кој учествувал во натпреварот го пријавиле случајот, но не сакаат да зборуваат јавно. На 29-ти јуни гимназијата го пријави случајот, се работи на негово расветлување, затоа додека не заврши целиот случај не би откривале повеќе информации –тврди Додевски.

Државниот просветен инспекторат дал укажување со записник до неготинската гимназија, со цел да се поведе дисциплинска постапка против наставникот. Неготинци се изненадени од настанот и на социјалните мрежи прашуваат како е можно просветен работник да заборави на својот морал и да принуди друг ученик да се натпреварува наместо неговиот син. Од ДПИ писмено информираат дека е издаден прекршочен платен налог за професорот, согласно Законот за средно образование, кој се однесува на психичко малтретирање на ученик и истиот е реализиран. Неготинската гимназија минатата година беше актуелна во медиумите со скандалот со учениците кои беа оставени во друга држава за време на екскурзија, но и поради поплаките од страна на агенцијата која ја реализирала екскурзијата, како и од вработените во хотелот во кој биле сместени, поради непримерно однесување на дел од учениците.

Вики Клинчарова

Поврзани новости