Николов: Ќе ставиме крај на неизвесноста со која се живее во Неготино, Референдум ќе има!

by Fokus
Здравата животна средина е основен услов за било каков економски, општествен, и културен развој на Општина Неготино, Вардарскиот регион, и Република Македонија. Свесни за тоа, листата на кандидати за претстојните локални избори под број 26 на ТМРО, овој услов го постави како највисок приоритет-тврди носителот на советничката листа, м-р Сашо Николов.

Тој појаснува дека Референдум против загадувачки индустрии и депонии во општината ќе има, со што ќе стави крај на неизвесноста со која живеат неготинчани веќе неколку години наназад, откако кон крајот на 2019 година беше најавена изградба на депонија за индустриски отпад, а сега пак изградба на гасна централа за согорување на комунален отпад од над 40 општини од земјава.

-Прва точка на Програмата со која се претставуваме пред граѓаните, конкретизирана во најгорливото прашање–Оддржување на Референдум против изградба на депонија, и Г-1 загадувачка индустрија. Тоа е неисполнета законска обврска на сегашната локална власт, по потребниот број собрани потписи од граѓаните. Меѓу нив се и мојот потпис, како и потписите на сите членови на моето семејство, исто и потписите на повеќето кандидати од листата под број 26, што јасно говори за сериозниот наш пристап кон овој проблем. Од таа неисполнета законска обврска (и кршење на Уставот!), продолжи неизвесноста за нашите граѓани со новата идеја–фабрика за обработка на цврст отпад (поддржано и од централната власт), во количини кои цела Република Македонија ги нема. Јасно е, оти ќе се увезува сечиј туѓ отпад овде, што е невиден злостор по сите нас, по сета фауна, флора, и сиот досегашен живот каков што го знаеме –вели Николов.

Додава дека сегашната локална и државна власт кон ова прашање се однесува крајно несериозно, манипулативно, и лукративно, и тврди дека и од најголемата опозициона партија нема појасна осуда или обид да се спречи ова зло.
Поради тоа, советничката листа на ТМРО во случај да влијае за идното мнозинство во Советот на Општина Неготино, како еден од условите за тоа мнозинство ќе го постави одржувањето Референдум против изградба на депонии, фабрики или било што слично за отпад.

-Секој што е во таа цел и вистински се бори за чиста животна средина, било да се институции, партии, граѓански и еко-здруженија или поединци, има подадена рака, и се наши сојузници. Но, и ако било кој од сите нив, има скриени агенди и интереси по ова прашање, нека не смета на нас, наше разбирање, и идна соработка – изјави Николов, кој е магистер по правни науки. Во минатото, тој беше член на Совет на Општина Неготино, а од 2010 до 2013 година беше претседател на Советот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости