Николоски: Ако му дошло на Вице Заев до 30.000 денари, со здравје нека ги троши

by fokus

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, немаше правен застапник на денешното рочиште во Граѓанскиот суд, каде е тужен за клевета кон братот на премиерот, Зоран Заев, Вице Заев.

По завршувањето на рочиштето, Николоски за медиумите изјави дека тужбеното барање е нон сенс, глупаво и бесмислено, поради што и одлучил сам да се брани.

-Вице Заев мене ме тужи за нарушен чест и углед, а не се појавува на рочиште. Решив да се бранам сам затоа што тужбеното барање е нон сенс и политички притисок – рече Николоски.

Тужбата е поради телефонско јавување на Николоски во телевизијата 1тв, каде рекол дека про-НАТО и про-ЕУ не се наместени тендери и дека благодарение на нив, Вице Заев станал бизнис фактор во државата.

-Сметам дека ова е порака до сите бизнисмени во државата. Ако може главниот бизнис фактор да го тужи вториот човек на ВМРО ДПМНЕ, што може да им се случи на нив. Имам повик до власта да престанат со притисоците – рече Николовски кој потврди дека тужбите за клевета биле редовна пракса за време на претходната власт, но додаде дека тој никогаш не тужел новинар за клевета.

Николоски очекува судот да го отфрли тужбеното барање. Сепак во своја одбрана предложил докази за тоа како го добил впечатокот за Вице Заев дека станал бизнис фактор благодарение на наместени тендери. За тужбата тој рече дека Вице Заев навел оти неговата изјава му предизвикала вознемиреност, главоболки, потење и црвенило на лицето.

-Она што сум го кажал сум го кажал во својство на потпретседател на партијата кој има право да искажува мислења за работата на Владата. Јас сум стекнал таков впечаток и тие можат да потврдат или демантираат, а не да го малтретираат судот во еден бесмислен предмет. Ако му дошло на Вице Заев до 30.000 денари, тогаш со здравје нека си ги троши – рече Николовски за тужбеното барање во кое стои надомест за нематеријална штета од нецели петстотини евра.

Поврзани новости