Никој не ги купил акциите на Мијалков од Стопанска банка АД Битола, сега на продажба два стана во Охрид и плац на Кожуф

by fokus

Никој не ги купил акциите на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнање, Сашо Мијалков кои беа ставени на продажба на 19 јули, а му беа запленети во случајот „Империја“.

На овој датум на лицитација беа ставени акции во осум компании, но од сите објавени акции за продажба, на Мијалков биле само акциите во Стопанска банка АД Битола кои се продаваа по принципот „се или ништо“ на Македонската берза.

Од Агенцијата за управување со одземен имот за  „Фокус“ потврдија дека акциите биле ставени на продажба пет дена, но никој не ги купил и по шест месеци истите акции ќе бидат ставени повторно за продажба.

Според објавениот оглас, Мијалков поседувал 1,8 проценти од вкупниот број на акции, односно 7.108 обични акции во оваа банка. Почетната продажна цена на една акција е 2772 денари, односно номиналната вредност на акциите на Мијалков е околу 20 милиони денари.

Денеска пак на својата интернет страница, Агенцијата за управување со одземен имот објави оглас на којшто беа понудени дел од конфискуваните недвижнини на Мијалков. Јавното наддавање е закажано за 25 август и ќе се спроведе по електронски пат, преку системот за електронско наддавање на Агенцијата за одземен имот: www.odzemenimot.gov.mk.

Се продаваат два стана во Охрид, во „Горица“, едниот од 46 (+19 помошни простории) метри квадратни со проценета вредност од Бирото за судски вештачења на 5.775.234,38 милиони денари или околу 94 илјади евра, а другиот од 58 (+ 56 ПП) метри квадратни во истата зграда, проценет на 9.032.505 денари или 147 илјади евра.

Се продава и плац кај местото Џибарица на Кожуф од 321,81 метри квадратни, проценет на 29.686, 97 денари.

„Право на учество на јавното наддавање по електронски пат имаат сите физички и правни лица, освен осуденото лице од кого е конфискувана недвижноста, вработените лица во Агенцијата за управување со одземен имот, како и друго лице кое службено учествувало во постапката за продажба“, се вели во огласот.

Заинтересинарите, исто така, како услов за учество на јавното надавање, ќе мора да положат гаранција во висина од 10 отсто од утврдената вредност на некоја од недвижностите.

И по повеќе од една година откако Мијалков призна вина за предметот „Империја“ и се спогоди со Обвинителството, имотот што му го конфискуваше државата во вредност од 15 милиони евра се уште не е продаден, а актуелен сопственик е Агенцијата за управување со одземен имот.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости