Никогаш не сум изнел толку емоција на сцена, вели Огнен, кој запеа прв пат по смртта на вујко му Џорлев

by fokus

Поп пејачот Огнен Здравковски, внук на неодамна починатиот музичар Зоран Џорлев, синоќа настапи на традиционалниот Василичарски концерт и го отпеа хитот на Дарио, ,,Дупла вотка”.

-Настапот го посветувам на мојот вујко Зоран Џорлев, нека почива во мир – изјави тој откако ја отпеа песната, по што доби долги аплаузи од публиката.

Огнен ќе настапи на Василичарскиот концерт и вечерва.

-Се гледаме повторно утре, на исто место и во исто време. Ми беше чест и задоволство што пеев на овогодинашниот концерт, тие кои беа таму слушнаа и видоа дека никогаш не сум изнел толку емоција на сцена. Се си има зошто, настапот е посветен на мојот еден и единствен вујко – порача денес Здравковски, кој уште од самите музички почетоци пред неколку години постојано со гордост раскажуваше за неговиот вујко со кого беа посебно блиски.

Годинава традиционалниот Василичарски концерт кој се одржува во НОБ е насловен ,,Најголемите хитови” и е направен од избор од најдобрите хитови од досегашните василичарски концерти со симфониски аранжмани.

Се пеат популарни светски и македонски хитови во изведба на оперски и поп солисти, придружувани од оркестарот на Националната опера и балет под диригентската палка на Бисера Чадловска.
За прв пат концертот се одржа во далечната 1993 година.

Вики Клинчарова

Поврзани новости