Ние немаме антибугарско, ние имаме промакедонско расположение, вели Мицкоски

by fokus

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски потврди дека ќе оди на отворањето на Македонскиот клуб во Благоевград со цел, како што вели, да им даде поддршка на Македонците во Бугарија, да ги охрабри дека нивната матична земја стои позади нив и дека партијата ќе ги штити нивните интереси.

– Ние немаме антибугарско расположение, ние имаме промакедонско расположение. Очекувам да помине во духот на пријателството помеѓу двата народи македонскиот и бугарскиот. Одиме таму да ги поддржиме нашите во Бугарија, да дадеме поддршка како ВМРО-ДПМНЕ, јас како претседател на најголемата политичка партија, да ги охрабриме дека нивната матична држава Македонија стои позади нив и дека ќе ги брани и штити нивните интереси и дека ние како ВМРО-ДПМНЕ немаме намера да се откажеме од нашите браќа од таа страна на границата, рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање пред денешниот настан „Политички дијалог на ЕПП – партиите од регионот“.

Коментирајќи го тоа што премиерот Димитар Ковачевски нема да оди на отворањето на Клубот во Благоевград, како и дека претседателот Стево Пендаровски не бил поканет, Мицкоски рече дека не верува во тоа што го кажуваат.

– Ова беше можност да се покаже политичко единство, но за жал тие кои имаат полна уста за единство, за обединување требаше со нас да одат таму и да ги стегнат рацете на Македонците во Бугарија, кои се одважија и ги поканија политичарите во Македонија. Ако сум бил јас поканет сигурно е и тој поканет, но навикнати сме на такво однесување. Жалам што не се надминаа себе си, што остануваат да бидат слуги за туѓи интереси, а не на сопствениот народ. Јас сум убеден дека македонскиот народ знае на следните избори гласно да зборува на кому да ја даде довербата, изјави Мицкоски.

Поврзани новости