Гостиварскиот огранок на ДУИ не е задоволен со учество во извршната власт, вели Џафери

by fokus

Гостиварскиот огранок на Демократската унија за интеграции (ДУИ) не е задоволен со учеството во извршната власт, изјави денеска на средба со новинарите првиот човек на Парламентот и член на Претседателството на партијата, Талат Џафери.

– Се очекува да се има поинаков пристап во партијата. Јас го кажав мојот предлог и став на огранокот од каде што доаѓам, рече Џафери.

Запрашан дали во ДУИ има фракции и на која тој и припаѓа, Џафери вели дека не припаѓа на никаква фракција и оти ова што го кажува е во доменот на негово мислење и оти тоа е демократски.

Во сабота во ДУИ ќе има реферирање на функционерите на партијата пред новото раководството, но тој потенцира дека не реферира пред партијата.

– Јас не реферирам пред партијата, јас реферирам пред граѓаните и има извештаи за мојата работа, рече Џафери.

За иницијативата на Левица пред Антикорупциската комисија околу не споивоста на неговата должност како претседател на Собранието со партиска функција, Џафери дека тој не е носител на политичка функција во ДУИ.

– Друго е да си носител на извршна партиска функција и одлучуваш, потпишуваш. Бевте таму кога излегов. Што кажав? Излегувам и не гласам затоа што немам право на глас. Јас сум се оградил од она што ми е членување во органот, рече Џафери.

Тој додаде дека уште во првиот мандат се изјаснил дека во мирување го става одлучувањето во органите на партијата, но дека може да даде мислење и не може никој да му го одземе тоа право кога 20 години е член на партијата.

Претседателот на Собранието Џафери е еден од основачите на ДУИ и доаѓа од гостиварскиот огранок на партијата. Тој присуствуваше на состанокот на Генералниот совет на ДУИ при изборот на членови на т.н. „огнена група“ во Претседателството на партијата, но не гласаше. Пред да го напушти состанокот, тој побара и гостиварскиот огранок да има член во Претседателството на ДУИ.

Поврзани новости