Незири: Никој нема интерес за реформи во судството, можен е таен договор за прикриена амнестија

by Фокус

Политичкиот аналитичар Џелал Незири во изјава за Фокус вели дека има големи шанси на утрешната лидерска средба да се постигне политички договор, бидејќи, како што вели тој во изјава за Фокус, разликите меѓу власта и опозицијата за законот за обвинителство се скоро испеглани.

-Веќе се знае дека СЈО нема да може да функционира како посебна институција, што значи нема да има нови предмети врз основа на прислушуваните материјали. Со престанокот на СЈО, и овие материјали се фрлаат во кош, затоа што оваа институција беше формирана за да покрене обвиненија токму од тие материјали. Ова значи дека разликите меѓу власта и опозицијата се скоро испеглани, така што останува да се договорат само за деталите во смисла на позицијата на СЈО внатре во системот на обвинителството – дали да биде интегрирана како тело или стопена во постоечкиот систем. Како и да е, предметите кои се однесуваат на високата корупција се враќаат во нереформираниот систем, чија нефункционалност и исполитизираност беше причина за формирањето на Специјалното Јавно Обвинителство – вели Незири.

Сепак, тој посочува дека постои можност и за постигнување на таен договор меѓу власта и опозицијата, чија цел, како што вели, би била сите предмети на СЈО да паднат во вода.

-Тоа што може да се примети во јавноста е дека ниту власта ниту опозицијата немаат вистински интерес за реформи во судството, за функционерање на специјални тела во обвинителството и судството за гонење на високата корупција и за вистинска и неселективна борба против организираниот криминал. Со оглед на ова, не е исклучена можноста за еден необјавен договор со кој сите предмети отворени од СЈО ќе бидат постепено затворени или застарени, со што би се обезбедила прикриена амнестија за сите инволвирани. Од друга страна, најлошото сценарио е да не се постигне договор пред истекувањето на рокот на СЈО. Ова би испратило лоша порака до Брисел дека земјата не е способна за консензус за донесување на еден закон, а камоли за подлабоки реформски зафати во судството кои би обезбедиле ефикасна и неселективна борба против високата корупција и организиран криминал. Еден ваков можен исход би резултирал со пролонгирање на датумот за започнување на преговорите за членство со ЕУ – вели Незири.

Тој додава дека можно е политичките страни да се договорат и за предвремени избори во пакет со законот за обвинителство, со што, според него, како можен датум би бил април 2020, а кон крајот на јануари би се формирало т.н. пржинска влада.

В.С.

Поврзани новости