Дендиас: Не можеме да го смениме Преспанскиот договор, но до збор мора да го почитува и другата страна

by Фокус

Грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас, во интервју за грчкото радио „Реал ФМ“ отфрли секаква можност за промена на Договорот од Преспа. Тој истакна дека Грција има конвенционални обврски кон Северна Македонија кои треба да ги исполни. Меѓутоа, воедно Дендиас порача дека ќе се обиде да ја убеди земјава преку рамката на европскиот тек да ги користи коректно одредбите што се однесуваат на јазикот и на идентиетот.

-На пример, од другата страна да биде целосно прифатено дека називот на граѓанинот на земјата е „граѓанин на Северна Македонија“. Но, ова е процес на спроведување што поминува преку европската перспектива на соседот, на Северна Македонија. Ќе се обидеме да го направиме тоа, но ако ви кажам дека можам да го сменам договорот во целост, нема да ви ја кажам вистината. Штом еднаш е потпишано и ратификувано, не е можно – рече Дендиас.

Тој посочи дека државата има континуитет и, како што рече, ревизионизмот на договорите е опасен за Грција на многу степени.

-Земјата има конвенционална обврска кон една друга земја. Кон оваа друга земја кон која има конвенционална обврска мора да ги исполни обврските, односно Грција кон Северна Македонија да ги исполни нејзините конвенционални обврски. Но, му кажав јасно на Димитров дека и тие треба апсолутно да се придржуваат до збор, до запирка, до точка, до нивните обврски – рече шефот на грчката дипломатија.

Поврзани новости