Иселеници запалија макети од Заев и Шекеринска во Мелбурн, СДСМ го обвини ДПМНЕ дека сее насилство

by Фокус

Веејќи знамиња со сонцето од Вергина и скандирајќи „Никогаш Северна, само Македонија“, десетици иселеници од Македонија оддржаа протест пред македонскиот конзулат во Мелбурн, каде го симнаа македонското знаме од јарболот пред зградата и го поставија знамето со сонцето од Кутлеш.

Потоа, тие ја пееја македонската химна и ги запалија знамињата на Грција, Бугарија и Албанија и скандираа погордни пароли кон Албанците, а дел од демонстрантите ги запалија и макетите од картон на премиерот Зоран Заев и вице-премиерката Радмила Шекеринска.

Од СДСМ реагираат дека ова е уште еден од случаите на насилство, кое, според владејачката партија, го сее и потикнува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Покрај тоа што немаше партиска делегација да положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковски, ВМРО-ДПМНЕ сее омраза и поттикнува насилство. Последен пример за тоа е палењето слики на премиерот Зоран Заев и министерката за одбрана Радмила Шекеринска на собир во Австралија. ВМРО-ДПМНЕ и нивната заканувачка реторика се директните поттикнувачи на вакви срамни чинови“, соопштија социјалдемократите.

Од ДПМНЕ, пак, возвратија дека Глигоров и Трајковски се залагале за независна и суверена Република Македонија и го почитувале зборот на граѓаните искажан на референдумот од 1991 година, додека, велат од опозициската партија, владата на Зоран Заев и го смени уставното име на државата.

„СДСМ и Заев ги погазија делата за кои се бореа претседателите Киро Глигоров и Борис Трајковски. Да беа живи, Глигоров и Трајковски јавно ќе се откажеа од Зоран Заев и неговата антимакедонска политика. Најважно, Заев и СДСМ не ја испочитуваа искажаната волја на граѓаните, туку против волјата на народот го сменија името со потпишување на капитулантскиот договор во Преспа“, велат од партијата на Христијан Мицкоски.

Поврзани новости