Дали Заев и Мицкоски утре ќе си подадат рака за закон за обвинителство и предвремени избори?

by Фокус

Во пресрет на утрешната лидерска средба, која треба да се оддржи во 20 часот во собранието, од владејачкиот СДСМ очекуваат дека тема на разговор ќе биде исклучиво законот за јавно обвинителство, додека од опозицискиот ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека на маса неминовно ќе биде поставена и темата за тајминг за предвремени парламентарни избори.

-Колку што знам, ќе се зборува исклучиво за законот за Јавно обвинителство, но ќе видиме утре – кусо за Фокус изјави висок функционер на СДСМ, без да изнесува проценки дали моментално поголеми се шансите да се постигне или да не се постигне политички договор за отворените прашања што ги наметнуваат власта и опозицијата.

Висок партиски функционер на ДПМНЕ, пак, посочува дека одговорноста дали ќе се постигне или нема да се постигне договор е кај власта, истакнувајќи дека кај опозицијата постои политичка волја да се постигне договор и за законот за јавното обвинителство, но и за избори.

-Сепак, досега ни делува дека власта бега од постигнување на договор – ни изјави тој, додавајќи досега нема конкретен и прецизен договор за ниту едно од барањата на ДПМНЕ за законот за обвинителство, кои, според него, мора да се регулираат правно без никакви празнини.

Колку за потсетување, опозициската партија на чело со Христијан Мицкоски побара СЈО да се интегрира во републичкото јавно обвинителство, специјалните јавни обвинители да немаат привилегиран статус во однос на другите обвинители, републичкиот јавен обвинител да се избира со консензус итн.

Како што е познато, поголем дел од овие барања практично власта ги прифати по обелоденувањето на аферата „Рекет“, кога премиерот Зоран Заев предложи СЈО да се интегрира во обвинителството за организиран криминал предводено од Вилма Русковска, додека со приведувањето на Катица Јанева автоматски се исполни и условот на опозицијата таа да нема водечка позиција во системот.

Она што останува точка на разидување е формата и начинот како да се реши прашањето со предметите што ги отвори СЈО, особено оние после изминувањето на рокот од 18 месеци по формирањето на СЈО, по кој, според начелното мислење на Врховниот суд, СЈО е неовластен тужител.

Практично, после овој рок СЈО поднесе само едно обвинение со назив „Талир“, кое се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, кое опозициската партија бара да биде повлечено како основен предлуслов за евентуален договор.

Што се однесува до останатите предмети, кои се замрзнати во фаза на истрага, веќе почна да се спроведува планот „Б“ што го најави власта, кој подразбира преземањето на предметите на СЈО од страна на републичкото јавно обвинителство, што предизвика поделени мислења кај експертската јавност.

Воедно, резервираност кон овој процес изрази и владејачката ДУИ на Али Ахмети, од каде неофицијално ни изјавија дека тие се залагаат за постигнување на договор, со цел, како што велат, доброто на земјава.

-Но, тоа е тешко веројатно. Двете страни се забарикадирани во своите позиции – велат високи партиски извори од ДУИ, кои истакнуваат дека нивниот став е да се усвои закон за обвинителство и да се оддржат предвремени парламентарни избори во октомври следната година.

В.С.

Поврзани новости