Независна Македонија не може да опстои со ова ВМРО-ДПМНЕ!

by fokus

arhivaТекстот е објавен на 18-ти јануари 2013-та година во неделникот „Фокус“ во бројот 916

Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии, е еден од најжестоките критичари на владата на Груевски. Во интервју за „Фокус” зборува за легитимитетот на буџетот, економските политики, улогата на ДУИ и за целите на ВМРО. Хајредини смета дека актуелната гарнитура работи само во полза на сопствениот рејтинг и дека таквата ситуација на долг рок не е одржлива!

ФОКУС Во континуитет не ги штедите од критики економските политики што ги практикува власта, а неодамна изјавивте и дека работата е толку црна, што го повикавте министерот за финансии да си поднесе оставка. Зошто?

ХАЈРЕДИНИ За барањето за оставка зборував во контекст на барањето на опозицијата. Дали е битна во предизборната кампања личноста на министерот за финансии? Во нормална држава не е многу важно кој е министер, но ситуацијата е таква, што тука во Македонија е најважно прашање кој е министерот за финансии. Важно е за текот на работите, затоа што тука имаме една ситуација, што ја нема никаде во Европа.

ФОКУС Во која смисла?

ХАЈРЕДИНИ Политички и економски, а, пред сѐ, политички. Оваа влада ги доби изборите пред 6 години, врз база на најавена голема битка за пресврт во економскиот развој, идеја што широко беше прифатена од јавноста зашто претходната влада на СДСМ, 2002-2006 не направи многу за економијата.

Но, естаблишментот на ВМРО-ДПМНЕ, во текот на нивното владеење, побитно им беше да се докаже континуитетот со некои историски фази на ВМРО меѓу двете војни, кога не можело да стане збор за економија, дури да се поврзат со тие челници на ВМРО, кои во Европа биле познати по убиства и тероризам. Оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ е импресионирана со врховистичкото крило на историското ВМРО, кое никогаш не се залагало за независна Македонија, туку за приклучување на Бугарија.

ФОКУС Сите партии имаат некаква идеологија, но сугерирате дека тие на тој начин се грижат само како да ги добијат изборите?

ХАЈРЕДИНИ Ова е важно затоа што граѓаните, по најавите дека ќе се занимаваат со економија, со право ги прифатија, сметајќи на суштински промени во економијата. Но, тие не формулираа никаква економска долгорочна стратегија, за да може да се валоризираат нашите компаративни предности. Тие се занимаваат со тековна економска политика и со инструменти во функција на задржување на власта. Од друга страна, економските резултати во суштина се никакви.

Господата Зоран Ставрески и Никола Груевски инсистираат на тоа дека Македонија станала поволна локација за странски инвестиции. Еве, под претпоставка тие да презеле сѐ да ја направат Македонија таква, сега не ни кажуваат зошто немаме инвестиции? Се фалат дека тоа го кажала некоја рејтинг-агенција, а ние немаме инвестиции. Тоа е апсурд.

ФОКУС Ако погледнеме, имаше и објективни причини за намалувањето на инвестициите, светската криза?

ХАЈРЕДИНИ Тоа е само изговор. Самиот Груевски рече дека нема што да се секираме за влијанието на кризата, бидејќи тој и Ставрески биле  економисти. Второ, интересно мислење изнесе економскиот аналитичар Владимир Глигоров од Виенскиот институт, со кое и јас се согласувам. Не е вистина дека економската криза многу влијае кај малите економии. Знаете, неизрасната трева ниедна бура не ја бранува. Ова е мала земја, мала економија, нема присуство на големи мултинационални компании овде или, пак, на наши фирми надвор.

ФОКУС Но, реално извозот паѓа, нема нарачки од странство?

ХАЈРЕДИНИ Да паѓа, ама тоа се случува затоа што не сме во можност буџетот да го ставиме во функција на бизнисот, на економијата, на компаниите кои овде работат. Гледајте го проблемот со субвенциите. Тие се фалат со милионски суми евра за субвенции, а се случува потоп. Ќе цитирам еден селанец од Сиричино, од кај Југохром. Таму, Вардар се излеа пред една година или повеќе, и дојдоа Коњановски од Одбрана и Димовски од Земјоделство да ги посетат земјоделците.

Селанецот, многу паметно им забележа, господа не ни требаат 100-200 евра субвенции, туку ни треба да го регулирате Вардар и да не губиме по 1000 евра за два дена, сѐ што произведуваме. Нема приоритети, односно наопаку се поставени. Друго, јас го гледав Груевски на една ТВ-емисија, вели нашиот трговски дефицит бил позитивен. Кога гледам колку ги познава странските изрази, па не знае ли дека зборот дефицит, сам по себе значи негативен.

Освен тоа има различни аршини. За трговскиот дефицитот во 2004 година кој беше околу 500 милиони евра, Груевски велеше дека е катастрофа, а дефицит од 2,5 милијарди евра сега бил позитивен. Што да очекуваме од  премиер, кој се обидува да нѐ убеди дека нашиот дефицит не бил проблем!

ЗА ЕКОНОМИЈАТА ДЕБАТИРААТ САМО СО ДЕЦА

ФАКТОР Како ги оценувате буџетските политики – Опозицијата обвинува дека е мегаломански, власта тврди дека е развоен?

ХАЈРЕДИНИ Владите во пазарни економии се многу јасни по ова прашање. Не е како што нѐ убедува оваа влада, дека се во животот на луѓето и компаниите зависи од владата. Владата дава, владата распоредува, владата доделува, владата наоѓа, владата донира, таков систем како кај нас, за жал, не се памети од времето на етатизмот. Кај нас, ги убедуваат граѓаните дека така е добро. Што е улога на владата? Обезбедување спокојна макроекономска состојба и квалитетно менаџирање на буџетот. Ни едно, ни друго не е заслуга на оваа влада.

Оваа релативна макроекономска стабилност е создадена во 93-та и во 94-та година и со исклучок на 97-та ние имаме стабилен девизен курс. Но, и тоа не би помогнало да ги немаме приливите на приватните трансфери што Груевски и Ставрески не ги споменуваат. Во 2011 година дошле 1,5 милијарда евра од нашите луѓе од странство. Но, тоа не е за радување. Главен сигнал за економијата се странските инвестиции.

Ние уште малку годинава ќе имаме одлив на инвестиции. Замислете што би било да ги немаме дознаките? Затоа сега се задолжуваат со гаранција од државата, со гаранција од Светска банка. Но, да не се лажеме, секоја држава може да се задолжи. И да не е оваа влада и да не е оваа држава, обврските остануваат. Ќе ги преземе некој друг. Македонија на пример уште плаќа стари обврски од СФРЈ, до 2014-2015, кога тие ќе се платат. Тоа не е за фалење.

ФОКУС За годинава проектираа раст од 2 отсто, може ли да се оствари?

ХАЈРЕДИНИ Во никој случај, ние од релевантни институции знаеме дека на статистиката на Македонија, Албанија и на Косово не треба да се верува. Видовте претседателот вели, оваа влада по два квартала минус ја извлекла Македонија со 0,2 отсто раст. Па, 0,2 отсто може кој било служебник да ви извади. Ќе биде лошо, а ќе нѐ убедуваат дека е арно. Една третина имаме невработени, а велат најдобра економска политика.

Во САД невработеноста падна од 8 отсто на 7,3 отсто, и за тоа се дебатира. Најголем проблем на оваа влада е што не сака да дебатира за ништо. Нека седне Груевски со кој сака, не мора со Бранко Црвенковски. Наместо тоа, Груевски оди во дом за дечиња без родители и им кажува дека бил донесен буџетот.

ФОКУС Загрижува задолжувањето, опозицијата предвидува дури и банкрот, а владата, пак, вели дека не сме високо задолжена земја?

ХАЈРЕДИНИ Не е важно колку е задолжувањето како процент од БДП, всушност не е најважно. Точно е дека кај не е високо ако се гледа така. Знаете дека долгот на Јапонија е 212 отсто од БДП, но ним сите им даваат кредити. Затоа што се сигурни дека ќе им ги враќаат. Овде е друго, даваат кредити зашто кога-тогаш државата ќе врати. Ама што се случува, ние земаме кредити и камати, а немаме раст, тоа е одлив на девизи, се задолжуваат идните генерации, некој тоа ќе го плати, само нема да бидат Груевски и Ставрески.

hajrediniФОКУС Зошто задолжувањето не продуцира раст?

ХАЈРЕДИНИ Па, поради начинот на кој се водат јавните финансии, за кои намени се трошат тие пари. Одат за непродуктивни цели. Не ги трошат, на пример, за земјоделците да направат производ со додадена вредност за извоз. Тоа е нашата предност, а не ја користиме.

ФОКУС Но, се поделија субвенции, а тие не дадоа резултат?

ХАЈРЕДИНИ Апсолутно не дадоа, расте увозот, а паѓа извозот на нашите земјоделски производи. Ние тука можевме, но не успеваме. Тие пари се даваат како поткуп за избирачите. Позициите на буџетот се фокусирани кон само една цел, како да се најдат повеќе гласачи, еве сега со пензионерите, студентите, земјоделците и со јавната администрација.

ФОКУС Велите дека се врши партизација?

ХАЈРЕДИНИ Сѐ е во функција на партизација. Кога би имал можност, би го прашал еврокомесарот Филе, дали забележува дека партизацијата е при крај. Во јавната администрација, судството… И сега, која е целта на владата? Медиумите се затворени, со исклучок на интернет. Што треба уште да направиме за да види Филе дека партизацијата е завршена и обезбедени се столбови кои треба да ги понесат изборите на оваа влада?

ДУИ Е ДЕКОР ВО ВЛАСТА, ПОТРЕБЕН ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА МИРОТ

ФОКУС Постојано зборувате за Груевски и Ставрески, каде е тука улогата на Ахмети?

ХАЈРЕДИНИ Имаше еден коментар во „Њујорк тајмс”, загрижени беа за тоталитаризмот. Го ставија Груевски на слика со Ким Јонг Ун и некој диктатор од Свазиленд. Ние мислиме тоа било случајно и тоа не се спомнува. Во една млада држава за која 90 отсто од луѓето во Америка не знаат каде се наоѓа, се создава диктатура.

Груевски ја промовираше својата програма и им рече: кој ја прифаќа оваа програма може да коалицира со мене. Тој не ги повика ДУИ за да се вгради нивната програма во програмата на Владата, за да може да се зборува за интересот на Албанците. Значи Ахмети точно се согласил што ќе направи. ДУИ се согласиле да влезат во таа Влада, со тие услови диктирани од ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС Улогата на ДУИ е да бидат бекап поддршка на ВМРО-ДПМНЕ?

ХАЈРЕДИНИ Албанците во Македонија се демографски значаен фактор. Прво се една третина од население и второ се распоредени во регионално мнозинство. Тешко е да се одржат редот и мирот доколку се предизвика помасовен протест на Албанците. Тука се води сметка за државата, затоа што во тој случај македонските безбедносни сили не би можеле да се справат со такви немири. Замислете 10 илјади студенти од Штулов универзитет или од тетовскиот да излезат и да му постават услови на Груевски.

Дојди да се разбереш со нас или ние не си одиме. Ќе биде лошо. Кога беа битпазарските настани во 90-тите, Фрчковски велеше, ПДП ги организира. Од ПДП му рекоа: да ги организиравме ние, тогаш ќе беа во сите градови и во Струга и во Тетово и во Куманово, и со тоа никој не може да се справи. Оваа ситуација што сега е во Македонија, коалицијата само постои за да се држи мирот, а по нешто се дава, наваму натаму, вработувања.

ФОКУС Но, со рамковните вработувања сега имаме ситуација луѓето да седат дома и да земаат плата.

ХАЈРЕДИНИ Требаше подолгорочна програма да се направи, па со природен одлив на Македонците што одат во пензија, да се примаат Албанци и ќе беше безболно, и таа полувековна неправда ќе се исправеше. Така и квалитетот ќе се запазеше. Но, тоа не може да се очекува од Никола Груевски да го прави.

ФОКУС Мислите ли дека Груевски и Ахмети добија верификација на своите политики. ЕК не ја отстрани препораката за датум за преговори. Дали е тоа политички консензус или навистина работите не се така црни како што ги претставувате?

ХАЈРЕДИНИ Очигледно дека Европа и Америка имаа свои интереси, а тие се и наши. Да не дојде до конфликт. Но, чувствителна е демографската карта, на крстопатот на двата коридори сме. Работите се комплицираат. Овде доаѓаат Србите, слават, не можете да ги спречите и Бугарите, тука доаѓаат во Скопје, и тие слават. Ова е премногу ранлива територија во регионалниот контекст, и затоа во име на некоја идна демократија тие не сакаат да брзаат. Демократијата може да чека. Мои претпоставки се дека за Филе е значајно да се држи тука состојбата мирна, и да се добие простор за помирно да се работи на решавање на други проблеми како името. Нема друго, никого не загрозуваме, но ние сме само темпирана бомба и тоа се нивните мерки. Тоа им е ним важно.

АКО ДОБИЈАТ ЗАКОН, БРАНИТЕЛИТЕ ТРЕБА ДА МУ БИДАТ БЛАГОДАРНИ НА БЕСИМИ

ФОКУС Академик Беџети неодамна најави дека 2013 година ќе биде кризна за банките, бидејќи постои опасност кризата од реалниот сектор да се префрли таму?

ХАЈРЕДИНИ Тоа би било почеток на голема криза, ако стаса до банките, тогаш не ни гине грчко сценарио, знаете таму се штедните влогови, пари на граѓаните.

ФОКУС Но, банките велат дека имаат ресурси да се справат со кризата.

ХАЈРЕДИНИ Тие се наследниците на една голема катастрофа од 90-тите и се претпазливи, и тоа е добро, зашто, ако таму пробие кризата, последиците би биле критични кон Македонија.

ФОКУС Имате ли оптимизам, може ли земјава некако да тргне напред?

ХАЈРЕДИНИ Секогаш предвидувањата се базираат на досегашното искуство. Онака како досега, апсолутно не може да се очекува пресврт. Груевски е човекот кој својата политика ја базира како отпор кон притисоци, во функција на повеќе гласачи. Не попушта ни кон Грција ни кон Албанците, ни кон ЕУ, ни кон САД, ни кон опозицијата. Тој се држи кон тоа, и нема да може да се коригира, затоа што мисли дека ќе му падне рејтингот. Но, така нема раст за економија. Видете со какви нелогични потези се обидуваат да направат нешто. Собираат инвеститори од Кина, Индија, земји кои не можат ни на мапа да нѐ пронајдат.

ФОКУС Но тоа не значи дека не треба странски инвеститори да се привлекуваат.

ХАЈРЕДИНИ А, каде се инвеститорите? Не дојдоа. Во што е нашата атрактивност, зошто за Кина би била Македонија поважна од Србија, Грција, Албанија и од Косово?

ФОКУС Можеби во стабилноста на даночната политика?

ХАЈРЕДИНИ Така ли? Па кога се воведе рамниот данок, дали некој мисли дека немањето инвестиции е поради високи даночни стапки. Даночните системи се препишуваат, тоа не е филозофија, со рамниот данок не  е откриена Америка.

hajredini3ФОКУС Сакате да кажете дека од политичката стабилност зависат инвеститорите?

ХАЈРЕДИНИ Апсолутно, нема врска со стапката на данок. Политичка клима, плус администрација која е нефункционална. Зарем малку забелешки имавме од ЕК. Кога беше Мексиканецот Слим, додека беше тука, Ставрески ни кажува што рекол Слим, ја пофалил економија. Зошто Чадиковски, Вие не отидовте со камера да го прашате Слим што мисли? Со секакви финти се убедува и се манипулираат различни слоеви на населението.

Тоталитарните режими се специјалисти за манипулирање. Зборот преродба исто така е голем проблем, својствен на режими. Тој го нема во развиените земји. Или, кажете ми во која европска држава шефот на тајните служби е братучед на премиерот!? Нели му рекоа странските фактори дека тоа не е добро. Но, нему тој му треба за утре, да му ги прекрие злоделата.

ФОКУС Сакале или не, се префрливме на политика.

ХАЈРЕДИНИ Па, со овие политички методи и цели невозможна е рационална економска политика.

ФОКУС Опозицијата е надвор од парламентот. Постојат ли шанси со бојкот и со улична демократија да ги остварат своите цели?

ХАЈРЕДИНИ Според мое мислење – не. Не е погоден моментумот. Сѐ уште е рано со оглед на тоа што доаѓа време за решавање на проблемот со името. Ќе се жртвува сѐ за името.

ФОКУС Што им порачувате, да се вратат во парламентот?

ХАЈРЕДИНИ Јас ги немам сите информации, но имам друго убедување. Дека Груевски нема да попушти за името, и тоа веројатно го знае опозицијата. Меѓутоа, дојден е момент кога ќе мора да се изјасни пред светот, пред релевантните фактори дали ќе го држи името. Ако попушти -губи, ако не – странците ќе ја сменат перцепцијата кон него, и мислам дека е близок крајот – или ќе биде Македонија, или ќе биде ВМРО. На долг рок не можат да опстојат и независна Македонија и ВМРО.

ФОКУС Сакате да кажете дека ВМРО-ДПМНЕ ја губи државата со играње на патриотската карта?

ХАЈРЕДИНИ Тоа е обратна филозофија од онаа на Љубчо Георгиевски. Тој велеше  да го решиме побрзо проблемот, зашто ако трае подолго, ќе изгубиме повеќе. Тие сакаат со пролонгирање да добијат повеќе. Но, тоа не оди така. Тоа се вика инает-политика. Гледате со законот за бранители. Бесими отиде во Слупчане и ВМРО-ДПМНЕ предложи закон за бранители, а 6 години не ги споменува бранителите. Ако се изгласа законот, кому тие бранители ќе му бидат благодарни: на Груевски или на Бесими?

ГИ УЦЕНИЈА БИЗНИСМЕНИТЕ ДА НОСАТ ЛУЃЕ НА ГЛАСАЊЕ

ФОКУС Дали сметате дека буџетот на начинот на кој беше изгласан е легитимен?

ХАЈРЕДИНИ Во никој случај, овој буџет и тој ден ќе влезат во историјата, а најмногу за министерот за финансии. Тој да влезе на седница и да командува на специјалците да ги исфрлат опозициските пратеници, 24 декември и министерот за финансии ќе влезат во учебници. Таква дрскост, не е видена. Зошто? Веројатно тие најдобро знаеја каква им е состојбата со буџетот. Биле во голема мака штом на овој начин го донесоа. Имаме незаконски и неморален пристап.

ФОКУС Бизнисмените, од друга страна, повикуваа да се изгласа буџетот?

ХАЈРЕДИНИ Можно ли е во една држава премиерот да ги собере бизнисмените и тие да бидат воодушевени, затоа што им ветил дека долговите ќе им ги исплати одложено. Кои долгови? Повратот на ДДВ е регулиран со закон, треба да се примени законот. За договорните обврски за Скопје 2014, треба да се почитуваат договорите. Ако не, има судска постапка и камата треба да се плати. Но, бизнисмените, уплашени од целиот државен инструментариум , легален или не, му аплаудираа што ќе ги плати долговите.

Неколку дена потоа, премиерот, во интервју за „Дневник”, вели, паметни биле извлекле нешто, а можеле да останат и без тоа. Па, кај го има тоа! Не се извршуваат законски и обврски кон набавувачи! Ако е врвот тој што ги крши сите закони и морални норми, дали може другиот дел од државата да функционира нормално?!

ФОКУС 2013 е пред нас, целосно треба да се исплатат долговите кон фирмите. Ќе има ли економијата сили да издржи?

ХАЈРЕДИНИ Кој има увид во оваа држава каква е фактичката состојба? Има ли одговор премиерот зошто 5 години не одговара на пратенички прашања колкав е долгот? Замислете дрскост, тоа било тековна состојба, не може да знаеме. Па, добро, дајте денес кажете колку е тековната состојба. Сега рече дека 68 милиони евра должеле за ДДВ, а за другото?

ФОКУС Очекувате ли дека сега пред избори владата ќе ги врати тие пари?

ХАЈРЕДИНИ Тоа е ефикасен инструмент и за уцена и за ветување. Ќе гласате за нас, ќе организирате колективно гласање, а по изборите ќе ги добиете парите. Сите субјекти во општеството се зависни од плаќањата на владата, во оваа неликвидност, фирмите утре не можат да платат кредит, кон други фирми. Од страв дека може да потонат, тие ќе гласаат. Таа состојба, сите да молчат – не е нормална.

ФОКУС Може ли да опстои таква состојба?

ХАЈРЕДИНИ На подолг рок никако, затоа што на повидок нема генератор за покренување на економскиот подем. Дури и сѐ што е најпотребно да се преземе во економијата нема да оди брзо!

СТАВРЕСКИ ТРЕБА ВЕДНАШ ДА СИ ДАДЕ ОСТАВКА

ФОКУС Дали оваа економска политика која продуцира сѐ поголеми трошења, може да донесе развој, во услови кога државата е најголем работодавец?

ХАЈРЕДИНИ Ние сме имале систем каде што сѐ било во раце на државата во социјализмот и во фашизмот. Тие пари, тој приход, било подобро да се земе од граѓаните, да помине низ надлежностите на владата, половина да се искраде, наместо да се остави на стопанството. Тоа не е развој. Каде е логиката, дека тие се најпаметни? А, што прават со тие пари, еве ќе ви цитирам три извештаи на ЕК за Македонија.

Тие напишаа дека за 2010 година квалитетот на јавните финансии се влоши, 2011 не се подобри значително во однос на 2010, која била полоша од 2009, а во 2012 буџетското планирање, квалитет на јавните расходи значително се влошува, каква друга оценка треба да се даде по овие три оценки дадени за време додека Ставрески е министер? Ланскиот, велат, бил најдобар извештај! Всушност за министерот е катастрофален и тој треба сам да рече – „благодарам премиере, не успеав јас, обидете се со некој друг”!

Поврзани новости