Можниот министер за здравство Венко Филипче бил член на Професорскиот контра пленум

by Fokus

Неврохирургот Венко Филипче, чие име се врти неколку дена во јавноста како нов министер за здравство бил член на Професорскиот контра-пленум, кој се формираше пред три години, во декември, 2014 година, веднаш по формирањето на Професорскиот пленум кој беше против воведувањето на екстерното тестирање на факултетите и против новите законски измени во високото обрзование.

Името на неврохирургот можеше да се најде меѓу првите 30 потписници од 200 универзитетски професори кои формираа Професорски контра пленум, баш во периодот кога беа актуелни масовните студентски протести кои беа против воведувањето на државен испит на факултетите. Спротивно на нив, професорите од контра-пленумот тврдеа дека целта на државниот испит е да се подобри вкупниот квалитет на македонското високо образование во полза на студентите и на професорите, како и дека со воведувањето на оваа реформа и новите законски измени не се прави упад во автономијата на универзитетот.

„Фокус“ го контактираше доктор Филипче за да го прашаме зошто бил дел од Професорскиот контра пленум, но тој не одговори на нашите телефонски повици и смс пораки.

Филипче во моментот е советник за здравство во владата на Зоран Заев. Во моментот неговото име е најактуелно како нов министер за здравство, иако во игра се уште се доктор Христијан Костов, кој по професија е општ хирург и прв човек на Градската болница „8 Септември“, како и доктор Сашо Дохчев, директор на скопската Клиника за урологија.

Се очекува во наредните неколку денови да се знае името на новиот министер за здравство.

И.М.

 

Поврзани новости