Невин поминал 38 години вo затвор

by Fokus

Морис Хејстингс е невин, одлучи судот во Лос Анџелес откако тој поминал повеќе од 38 години в затвор за убиство случено во 1983 година што тој не го извршил.

Хејстингс беше ослободен од обвинението лани врз основа на нови ДНК-докази што укажуваат на друг осомничен. Судот ја укина пресудата на барање на обвинителот од Лос Анџелес и адвокатите на Хејстингс.

Пресудата сега е дека Хејстингс е „фактички невин“, што значи дека постојат уверливи докази дека тој не го извршил делото.

Жртвата, Роберта Вајдермајер била сексуално нападната и убиена со еден истрел од пиштол во главата, а нејзиното тело било пронајдено во багажникот на нејзиното возило во градот Инглвуд.

Хејстингс во 1988 година беше осуден на доживотен затвор без можност за условно ослободување.

Во 2000 година тој побара ДНК-тест на спермата пронајдена кај жртвата. Обвинителството го одби првото барање, а во 2021 година следеше ново барање. Во јуни лани форензичарите утврдија дека спермата не е негова.

Хејстингс минатиот октомври кога беше ослободен имаше 69 години.

Поврзани новости