Непријатно сведоштво на Слободан Богоески

by fokus

arhivaТекстот е објавен на 11-ти септември 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1040

Зошто токму во овој момент, судот во Њујорк реши да го објави сведочењето на Богоески? Иако објавувањето вакви сведоштва не е непознато во практиката на американското судство, и покрај тоа што случајот се уште е во фаза на судење, факт е оти моментот е внимателно избран. Македонија се наоѓа во длабока политичка криза предизвикана од „бомбите“ на Заев, а сведочењето на Богоески треба да претставува атомско полнење на агендата на Специјалниот обвинител, чиј избор Македонија го очекува на 15 септември

Пишувал
Зоран ДИМИТРОВСКИ

За еден медиум од Македонија би требало да претставува чест, што веднаш по објавувањето на ексклузивното интервју во „Фокус“ со поранешниот шеф на Државната безбедност Слободан Богоески, на 24 декември 2014 година, реагирала Федералната американска комисија за хартии од вредност и еден од своите истражители испратила експресно од Њујорк во Скопје за да го испраша Богоески во својство на заштитен сведок во случајот што таму се води против неколкумина поранешни директори на Маѓар Телеком.

Но, кога ќе го прочитате сведочењето на Богоески од 28 декември лани, пред истражителот на американската комисија, Роберт Доџ, кое минатата недела го објави надлежниот обласен суд во Њујорк најмалку на што ви текнува е да се гордеете или да чувствувате каква било чест како новинар или како професионален медиум. Тоа долго четиво, распослано на 60-тина страници, прашања и одговори на американски судски истражител и македонски сведок, прво ви предизвикува возбуда, потоа гнев и револт и на крајот мачнина.

Возбудата е од интересот како новинар да откриете кои се луѓето од власта во Македонија што учествувале во една меѓународна криминална епизода од мафијашка сапуница со лоша боливудска продукција. Гневот и револтот ви се јавува кога ќе сфатите како спротивставени политички протагонисти, функционери од највисок државен ранг – премиери од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, лидери на партии и министри, странски државни советници, шефови на разузнавачки служби, посредници од криминалното милје, работат здушно и ревносно на пљачкање на „златната кокошка“ на македонската економија – Телекомот за сопствен џеб. Кога ќе видите, како тие исти луѓе, кои на јавна сцена се во партиски ровови, не само што не го гонат криминалот на своите политички противници, туку уценуваат, рекетираат, сопираат кривични постапки на домашните и странските учесници во криминалот, заради сопствено богатење. Мачнината почнува да ве задушува, на крајот ви се бурбати од стомакот до грлото, кога ќе видите дека се способни да организираат и атентат на свои блиски политички соработници, штом ќе се спречкаат за дел од пленот.Slobodan Bogoeski 05ПРОТОКОЛ И НОН-ПЕЈПЕР

Повод истражителите брзо да дојдат во Скопје и да го испрашаат сведокот Богоески, е нивното стравување дека по интервјуто за „Фокус“ лани, тој би можело брзо да заврши зад решетки, а тие да не добијат сведочење, зашто отвори вистинска војна со Фамилијата, обвинувајќи ја оти тајно соработувала со контроверзниот грчки бизнисмен Димитрис Кондоминас, кој и понудил многу пари ако се повлечат пријавите и потерниците против директорите на Маѓар Телеком за перење пари со оф-шор фирмите на Кондоминас на Кипар.

Во своето отрезнувачко сведоштво во граѓанската постапка која сега се води против директорите на Маѓар Телеком во Њујорк, Богоески ја разоткрива целокупната коруптивна шема на Владата на Бучковски да му се обезбеди монополска позиција на унгарскиот оператор на македонскиот пазар на телекомуникации, доминантно учество во капиталот на компанијата во Македонија, но и лакомоста на двоецот Али Ахмети и Муса Џафери, кои профитирале од овие зделки, како и скандалозното и коруптивно забошотување на целиот случај во времето на премиерот Никола Груевски и сомнителните аранжмани на семоќниот Сашо Мијалков и неговиот баџанак од обвинителството за организиран криминал Јован Илиевски за опструирање и фактичко запирање на кривичната постапка.

Како што сведочи Богоески, тој бил еден од посредниците помеѓу грчкиот бизнисмен Кондоминас, кој поседувал 5 отсто од акциите на телекомот и Владата на Бучковски, да се одложи примената на законот, според кој врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација на РМ со Европската унија, требаше да дојде до либерализација на пазарот на телекомуникации. Тоа му овозможува големи профити на најголемиот телефонски оператор во Македонија наредните две години. Предмет на тајното преговарање се и неплатените надоместоци за фреквенција, но клучно, според Богоески, е продажбата на 10 отсто (9,99) акции во сопственост на Владата пред изборите во 2006 година, со кои Дојче Телеком станува сопственик на 62 отсто од капиталот во компанијата, со што се обезвреднува преостанатиот пакет акции на државата, а Унгарците добиваат и право на одлучување во МТ без многу мешање на Владата, суверени одлуки за отпуштање работници, па и продажба на имотот.

За сето ова, сведочи Богоески, водени се тајни преговори од декември 2004 до пролетта 2005 г. меѓу Бучковски, Кондоминас и неговите претставници, потоа Али Ахмети, Муса Џафери, министерот Џемали Мехази, во Скопје и во Виена, по кои е подготвен прво Меморандум за разбирање, а потоа и Протокол за соработка, но и таен дел – т.н. нон-пејпер, за исплата на парите за корупција на претставници на Владата од македонскиот и од албанскиот блок.

Според Богоески, во прашање биле 7,5 милиони евра, од кои 5 милиони за Али Ахмети и Муса Џафери, а 2,5 милиони евра за премиерот Бучковски. Парите биле плаќани по скандалозни фактури од фирмата на Кондоминас во Македонија за консултантски услуги, за наводна подготовка на Закон за работни односи на РМ, за истражување на пазарот за интернет услуги и сл. на оф-шор фирми на Кондоминас на Кипар, меѓу кои „Чаптекс“. Потоа парите биле вадени во кеш и носени во Атина. Кондоминас им ги исплаќал милионите евра на корумпираните функционери на рати, а се требало да заврши до 30 јуни 2006 година, неколку дена пред изборите.

Договорениот кеш бил исплаќан директно од вилата на Кондоминас во Атина, преку Беким Земоски, советник на премиерот Бучковски, со германско државјанство и македонски дипломатски пасош, инаку близок роднина на Рубин Земон, од Алијансата за позитивна Македонија. Откако ќе ги изброеле парите, тимот за безбедност на Кондоминас со Беким Земоски, со возила продолжувале до граничниот премин „Богородица“.

„Откако ќе ја минеле грчката граница, во слободната зона меѓу два гранични премина, се среќаваа со тимот на Бучковски, телохранителот, возачот и придружник, без да бидат контролирани, ќе ја поминеа македонската граница… Откако ќе заминеа од границата, одеа директно во Владата, во кабинетот на премиерот… Откако делот за Бучковски беше исплатен, останатиот дел за Тетово, истиот продолжуваше за Тетово“, вели Богоески,

Ревизорската куќа Вајт енд Хаус поведува истрага во Македонија, по која и нашето обвинителство отвора предмет. Аферата станува меѓународна, распишани се и потерници за директорите на Маѓар Телеком. Случајот е медиумски експлоатиран во втората половина на 2008 година, а за него се водеше и спор пред суд во Њујорк, каде што Дојче телеком, сопственик на Маѓар телеком и Македонски телекомуникации, беше принуден да плати огромни суми, повеќе од 90 милиони евра отштета поради измама на купувачите на Њујоршката берза.Slobodan Bogoeski 04ГРУЕВСКИ ВЕТИЛ ИСТРАГА ДО КРАЈ, НО МИЈАЛКОВ СЕ ИСПАЗАРИЛ!

Во Македонија, пак, Богоески, кој е сведок на сите трансакции располага со документи кои во одреден момент решава да му ги даде на премиерот преку пратеникот Павле Трајанов.

„Му ги доверив овие документи на Павле Трајанов зашто му верував, зашто тој го помина целиот свој живот во МВР, тој е правен експерт по професија беше потсекретар за јавна безбедност, и министер за внатрешни работи, исто така, и тој е многу кредибилна личност професионално, и знае како да ракува со доверливи документи. Тој исто така му рекол на Груевски како да ги чува овие документи.“

Богоески се плашел за својот живот, како што вели, најмногу во врска со Албанците. Кога му предложил на Павле да му ги предаде документите на премиерот Груевски, исто така му рекол тие документи да му бидат презентирани на јавниот обвинител, истражниот судија кој ја спроведувал истрагата, да се состави записник од предавањето, да се направат копии…

Кога Трајанов му ги дал документите на премиерот, Груевски ветил дека целата постапка ќе има свој крај и ќе биде завршена, но тоа никогаш не се случило. Напротив, набрзо потоа, преку посредникот на Кондоминас, Емануел Малелис – Маноли била организирана средба меѓу Сашо Мијалков и Кондоминас во хотелот Кемпински во Солун, каде што е договорено да запре кривичната истрага против директорите на Македонски телеком, особено против Димитрис Сигалос и Атила Сендреи и да се запрат меѓународните потерници по Интерпол, особено за Михалис Кефалојанис, член на УО на Телекомот, зашто, како што сведочи Богоески, тој бил психолошки слаб, плачел цело време, бил исплашен и му се заканувал на Кондоминас, ако не му помогне веднаш, дека ќе биде сведок доброволец против него. Мијалков побарал 2 милиони евра за да ги повлече потерниците и 500.000 евра за адвокатската куќа на Чукиќ и Марков, за правни услуги. Исто така, на Кондоминас му биле понудени и други бизниси во Македонија, купување на три згради на Телекомот во центарот на Скопје, создавање заеднички компании во областа на тргувањето со недвижни имоти, централно греење, телекомуникации. Соработката Кондоминас- Мијалков почнала да цути.

Веднаш потоа во Макдонија била запрена постапката против Кефалојанис и биле повлечени потерниците, а на прашањето како тоа е направено, одговор треба да дадат истражниот судија и јавниот обвинител за организиран криминал.Slobodan Bogoeski 03АТОМСКО ПОЛНЕЊЕ

Зошто токму во овој момент, судот во Њујорк реши да го објави сведочењето на Богоески? Иако објавувањето вакви сведоштва не е непознато во практиката на американското судство, и покрај тоа што случајот се уште е во фаза на судење, факт е оти моментот е внимателно избран. Македонија се наоѓа во длабока политичка криза предизвикана од „бомбите“ на Заев, а сведочењето на Богоески треба да претставува атомско полнење на агендата на Специјалниот обвинител, чиј избор Македонија го очекува на 15 септември.

И покрај тоа што речиси сите прозвани (освен Груевски и Мијалков) се обидоа јавно да ги демантираат скандалозните инкриминирачки наоди, сведочењето на Богоески и појаснувањето на доказите  кои ги изведува Њујоршкиот суд во случајот против директорите на Маѓар Телеком, истовремено нуди дополнителни сомневања и факти за димензиите на криминалот во случајот, кој се обиделе да го забошотат и од него да профитираат првите луѓе на актуелната власт. Ова дотолку повеќе што во прислушуваните материјали кои опозицијата не ги пушти во јавноста, како што известија претставници на СДСМ, има токму разговори кои се поврзани со оваа афера. Така, покрај другите скандалозни криминали од „бомбите“ на Заев, на товар на Груевски и Мијалков сега ќе им биде и случајот Телеком, а за него ќе може да поведе истрага токму специјалниот обвинител!

Од друга страна, нервозната реакција на ДУИ, која сведочењето на Богоески и обвинувањата за корупција ги третира како вмешателство на странски служби заради растурање на партијата, е знак оти Њујоршкиот суд ја погодил целта. Во партијата на Ахмети долго време трае незадоволство од повеќе струи, меѓу кои најизразена е онаа предводена од командантското крило, но и други активисти кои го обвинуваат двоецот Ахмети-Џафери за криминал и корупција од невидени размери. Ако за матните работи на интегративците многу малку разбравме од „бомбите“ на Заев, сега, со сведочењето на Богоески и доказите во процесот во Њујорк, има и опипливи причини за таква перцепција. Всушност, овој „камен“ против Џафери и Ахмети, не доаѓа од блиску, што би рекол Мијалков, туку – од далеку, дури од САД. Ама тоа не значи оти неговата тежина е помала!Slobodan Bogoeski 02СИНЏИРОТ СЕ СТЕГА

Објавувањето на сведочењето на Богоески и откривањето на криминалот во случајот Телеком и неговото забошотување, е само потсетување однадвор дека будно се следи корупцијата и криминалот на сите политички елити во Македонија, без оглед дали тие се од претходната власт – СДСМ-ДУИ, или пак од актуелната – ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ. Тоа е уште еден сигнал до сите во Македонија, дека нашите неприлики не се резултат на внатрешна политичка кавга помеѓу власта и опозицијата, кои може да се разрешат со фер и демократски избори, ниту, пак, геополитичка одмазда со формула за менување на власта. Напротив, Њујоршкиот суд опоменува дека организираниот криминал нема домашни, партиски ниту меѓународни граници и дека мора да се сече во корен – од главата надолу. Милионските суми долари или евра по какви што се вдале нашите „пастири“ и „државници“, унгарските директори од типот на Атила Сендреи, и грчките трговци, контроверзни бизнисмени како Кондоминас и белосветски посредници, имаат сериозни меѓународни последици. Ако кај нас никој не води сметка за јавниот интерес ниту пак за телефонските сметки на граѓаните, за среќа, во светот постојат институции кои го штитат интересот на акционерите, вистинските сопственици на капиталот на крупните меѓународни компании на големите берзи кои не дозволуваат да бидат ограбени од банда локални и регионални мафиози.

И на крајот, скептиците и особено засегнатите од аферата го поставуваат прашањето дали Слободан Богоески ја говори вистината. Судот во Њујорк му поклонува верба и вели дека неговото сведочење во граѓанската постапка е релевантно. Згора на тоа, тој во најголем дел од сведоштвото само ги појаснува другите докази и документи до кои Федералната комисија за хартии од вредност дошла во врска со случајот. Токму поради тоа, обидот на многумина споменати во аферата да го негираат и дискредитираат неговото сведочење, па дури и заканите за клевета, се само пукот во празно. Богоески е непријатен сведок. За многу од своите обвинувања во сведочењето тој посочува документи, прозива други сведоци, се повикува на факти, законски решенија, настани, личности, датуми, записници. Ако ништо друго, останува сето она што тој го зборува и сугерира дополнително да се истражи.

Очигледно, на Мијалков и на Груевски не им помогна ниту тоа што Богоески се наоѓа на отслужување затворска казна од две години поради кривично дело кое му беше спакувано токму поради вклученост на луѓе блиски до владеачката партија во бизнисот со градежна парцела која уште Владата на Георгиевски му ја продаде на Кондоминас, а Богоески посредуваше во продажбата на парцелата на словенечки „Меркатор“.Slobodan Bogoeski 01Но, сеништата од минатото се појавуваат кога не очекувате. Една белја или несреќа никогаш не доаѓа сама. „Бомбата“ од Њујорк е тежок камен околу вратот за Фамилијата. Уште еден во синџирот кој почнува сериозно да се стега.

Не му верував на братучедот на премиерот, цел живот тргуваше со дрога!

„Кога во 2008 година… медиумите објавуваа за овој голем криминал во Македонскиот Телеком, некои претставници од Министерството за внатрешни работи, кои бе вклучени во истрагата, ме контактираа како поранешен шеф. Ми рекоа дека има одредени телефонски разговори каде што го препознале мојот глас. Им реков дека тоа е точно, и кога ќе завршат со целото истражување, може да ме повикаат во секое време, и дека јас би им помогнал на секаков начин… Знаејќи до кое ниво МВР е криминализирано, зашто братучедот на премиерот Груевски беше шеф на УБК, не му верував воопшто, знаејќи дека тргуваше со дрога речиси целиот свој живот. Зашто, во времето кога јас бев шеф на Државната безбедност, тој беше приведуван на неколку наврати. Поради овие причини, кога овие барања за помош станаа многу чести, во разговор со поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов… побарав да му го предаде на Груевски целото досие и дека ќе им помогне да ја изведат истрагата“, вели Богоески во сведочењето.

Касами беше убеден дека Муса Џафери му го нарачал атентатот!

Во куќата на Абдилхалим Касами, директор за финансии во партијата на Али Ахмети, посредникот Беким Земоски се среќавал со Ахмети и Џафери на кои им ги предавал парите од Кондоминас. Богоески во сведочењето го опишува Касами како духовен татко на ДУИ. Тој го финансирал Али Ахмети додека овој бил во емиграција во Швајцарија, но му нашол работа и на Муса Џафери во Белгија. Подоцна Касами се вратил од Данска каде што живеел во Тетово, за да им помогне на поранешните припадници на ОНА во создавањето на политичката партија. Но, на 27 јуни 2006 година, токму во деновите кога се одвивале последните исплати на парите, се случил обид за убиство на Касами, токму во неговата куќа. Атентатот останал неистражен. Еве што вели Богоески за тоа во сведочењето:

„Неговата куќа во Тетово е нешто како духовен штаб на партијата. Тој инвестирал многу во физичката безбедност на зградата, насекаде имаше камери, и немаше можност за некој да дојде близу зградата и од 70-80 метри и да не биде забележан од камерите…  Бев во куќата пред атентатот… Беше многу чудно кога се случи атентатот, имајќи толку многу безбедност, камерите да бидат претходно исклучени, сите видео снимки да исчезнат од куќата, сите ЦД-а, се… и некој да влезе во неговата гража и да пука во неговата кола толку лесно. Се посочуваше на фактот дека тоа било организирано однатре. Инаку, невозможно е некој да влезе внатре, кој не припаѓа на внатрешните кругови… Абдулхалим Касами беше нападнат, по недоразбирања во врска со парите. Не беше сигурно дали ќе преживее воопшто. Меѓутоа, тој преживеа и здравјето му се подобри… Тврдеше дека егзекуторите се од Косово… Беше убеден дека наредбата за атентат оригинално била од Муса Џафери, дека тој бил организатор и личност која наредила“.

Јанкулоска зела 100.000 евра за „Аналитико“, по наредба на Тео Вајгел!

„Беким Земоски ме информираше дека имале договор со Аналитико, за Аналитико да продаде различни услуги на Мобимак во Македонија, и од пакетот пари што требаше да го добијат, 100.000 евра, без знаење на Бучковски, беше даден на Аналитико“, сведочи Богоески.

Земоски му рекол на Богоески: „И ги дадов овие пари на Гордана која беше таму вработена во Аналитико, а сега е министер за внатрешни работи“. Им дадоа телефони, СИМ-картички, и различни услуги за нив да продаваат на Мобимак. Кога му реков, „она што го направи е ризично, и ако Бучковски некогаш разбере за ова, ќе имаш големи проблеми со него“, ми рече „го направивме истото тоа кога Љубчо Георгиевски беше премиер, го финансиравме Бучковски и другите“. Тоа беше веќе етаблирана практика, да се финансираат и владината и опозициската партија, особено кога доаѓаа парламентарни избори. Но заборавив да кажам дека тоа беше по наредба на Тео Вајгел… (екс министер за финансии на Германија, советник на Бучковски – н.з.), зашто беше од истите пари…“bogoeski1

Поврзани новости