Нема стипендии на сметките – студентите најавуваат протести

by Фокус

Се уште не легнале парите од стипендиите за студентите, тврдат од организацијата Студентска револуција. Во реакцијата се наведува дека студентите практично не добиле ниту една рата од парите кои им следуваат, па најавуваат дека правдата ќе ја бараат на улица.

„Власта го тестира трпението на студентите – нема да дозволиме неиспорачување на ветувањата и обврските! Иако помина и месецот јануари, Министерството за образование и наука предводено од чесниот кадар на ДУИ, Јетон Шакири, се уште нема исплатено ниту една рата од студентските стипендии ниту за месец октомври.

Оваа можност би ја искористиле да го потсетиме министерот Шакири и неговите служби дека тие дадоа ветување за исплата на овие средства до крајот на месец јануари, но од тогаш добивме само одолговлекување, изговори и лаги.

За апсурдот да биде уште поголем, министерот преку своите партиски и коалициски гласници, се обидува да протурка теза дека ветувањата и договорите се однесувале за првата половина на февруари, тврдење кое го отфрламе како целосно неточно.

Ако на почетокот на новата година има доволно средства за партиски вработувања и приватни трошоци за министрите, не гледаме никаква причина зошто студентите би биле оставени на последното место.

Според досегашното искуство и според следењето на целиот процес поврзан со поднесените апликации за стипендија, имаме легитимна причина да веруваме дека апликациите се уште се непроверени и очекуваме понатамошно одолговлекување на процесот.

Затоа, како студенти го упатуваме овој предупредувачки апел до министерот и сите надлежни за спроведување на програмата на владата – да не си поигруваат со трпението на студентите, бидејќи доколку институционалниот пат ни е попречен и ние сме обесправени, правдата ќе ја бараме на улица, преку масовни протести“, се наведува во реакцијата на Студентска револуција.

И од „Студентски отпор“ велат дека им било ветено исплата на стипендиите за месеците од октомври наваму, но нивните трансакциски сметки останале празни, а со тие средства ги покривале трошоците за запишување на семестар.

Поврзани новости