Кандидатот за градоначалник на Чаир од ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека шпекулациите дека по локалните избори ќе се одржат и предвремени парламентарни избори немаат реална основа. Според него, Владата има полн легитимитет и конкретни задачи што треба да ги реализира.
-Некој сака да лаже, да го мотивира својот електорат дека ова се локални избори и по локалните избори ќе одиме на парламентарни избори. Мислам дека кога овие луѓе од АКИ ќе ги видат резултатите од локалните избори, ќе заборават на парламентарните избори – рече Меџити.
Тој додаде дека времето и ресурсите треба да се насочат кон локалните процеси и подобрување на животот на граѓаните, а не кон создавање непотребни политички тензии.
– Сега сме фокусирани на локалните избори. Владата има легитимитет, има бројки, има задачи пред себе, има програма пред себе и нема потреба да правиме дополнителни трошоци за предвремени парламентарни избори. Изборите ќе бидат регуларни кога ќе бидат закажани – изјави Меџити.