Нека не ми замери публиката ако ме совладаат емоции, вели Андријана, која ќе ја пее „Ми заплакало селото Ваташа” пред споменикот на убиените младинци

by fokus

-На покана на Општина Кавадарци, ја имам таа чест да земам учество во одбележувањето на 80 години од стрелањето на 12-те ваташки деца. По тој повод, заедно со Игор Џамбазов, Катерина Танева, бендот на Дамир Имери и хорот Мирче Ацев под диригентската палка на Јасмина Ѓорѓеска, ќе ја изведеме песната ,,Ми заплакало селото Ваташа” на Свечената академија во Домот на културата во Кавадарци на 15-ти јуни, како и пред споменикот на 12-те ваташки младинци на 16-ти јуни – за ,,Фокус” открива Андријана Јаневска.

За неа ова ќе биде втора јавна изведба на песната посветена на 12-те младинци, кои врз кои беше извршен масакр од страна на бугарскиот фашистички окупатор на 16-ти јуни 1943 година.

На средината на март годинава, 26-то издание на забавната манифестација ,,Златна бубамара на популарноста”, перформансот на Андријана, која со побавно темпо ја пееше ,,Ми заплакало селото Ваташа”, а во позадина Игор Џамбазов ја рецитираше ,,Цветови”, која исто така е посветена на 12-те ваташки деца, предизвика бура од емоции во земјава. Видеото од нивниот настап стана едно од најсподелуваните од манифестацијата, и тогаш Јаневска за ,,Фокус” раскажа дека иако ја знаела песната, тоа и било за прв пат да ја изведува.

Кажа дека иако имало повеќе верзии, се одлучила за верзијата на Катерина Танева, и додека го гледала нејзиниот настап во емисија кај маестро Зоран Џорлев, ја учела песната.
Арнажманот го работел Дамир Имери кој го работел за оркестарот и хорот Мирче Ацев, а
хорот ја вежбал партитурата под раководство на диригентката Јасмина Ѓорѓеска.

Таа ни откри дека носела црвен фустан, како симбол за детската крв која била пролеана во Ваташа.

За настапите во Кавадарци, кои ќе се случат денес во Домот на културата и утре во Моклиште, пред споменикот на ваташките младинци, вели дека за неа имаат голема тежина, па како и публиката, така и нејзе ја совладувале емоции.

-Свесна сум дека стиховите ќе отпеам пред публика во која ќе има и членови на семејствата на младинците, и голема привилегија, но и предизвик е да се остане професионален до крај. Но, и да ме совладаат емоциите додека пеам, верувам дека публиката нема да ми замери – ни изјави Јаневска.

Свечената академија по повод 80 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци ќе започне во 19 часот денес, во Дом на култура „Иван Мазов Климе“.

Утре пак, во Моклиште, на споменикот на 12-те ваташки младинци со почеток од 10 часот ќе се одржи чествување по повод 80 години од нивното стрелање, ќе биде положено цвеќе на споменикот, но и ќе бидат откриени 12-те бисти на младинците, како и свечено ќе се отвори Спомен собата, во која ќе бидат изложени лични предмети на младинците и нивни фотографии.

Потоа следува културната програма за достојно одбележување и оддавање почит за нивната храброст и непокорност.

Вики Клинчарова

Поврзани новости