Недостиг на медицински маски во аптеките во Атина

by Fokus
Стравот и превенцијата од сезонскиот грип, а пред сѐ од коронавирусот, ги наполнија аптеките во Атина, со резултат да постои недостиг на медицински маски. Ги купуваат Грци, но многу повеќе туристи, најголемиот број од Кина и за да ги искористат на аеродромите и за да ги однесат во Кина.

Дописничката на МИА од Атина посети голем дел од аптеките што се во строгиот центар на грчката престолнина, поразговара со фармацевтите, но и со туристите.

Аптеките се празнат од маски

Сопствениците на аптеките коментираат дека во изминатиот период се соочуваат со особено зголемена побарувачка. Tуристите од Кина, по неколкудневен престој во Грција, дома си заминуваат со пакувања од 30-50 маски, а во една аптека за помалку од четири часа се потрошиле 10 пакувања.

Брачен пар од Кина, кои туристички допатувале во Атина, купија цела кутија со 25 маски. Одбраа да платат 65 евра, и наместо обични да земат од оние за ебола, кои како што објасни фармацевтката за МИА, се за тридневна употреба.

-Здраво, може да купиме маски?, прашаа Кинезите, на што вработената им објасни дека конкретните се појаки наменети се за ебола.

-Во Кина нема доволно маски, па затоа купуваме од тука. Се враќаме за Кина. Сигурно и на аеродром ќе носиме маски, објаснува за МИА брачниот пар.

Во друга аптека, туристка од Кина, освен маски, бараше да купи и термален термометар и тоа од оние кои што се користат на аеродромите за проверка на патниците. За да се разберат со фармацевтот, му покажа фотографија на нејзиниот мобилен телефон, од порака пратена од нејзиното семејство во Кина.

-Доаѓам од Санторини и таму во аптека го имаше, рече туристката од Кина.

За жал, конкретната аптека немаше термален термометар, па Кинескињата си замина само со маски. Но, пред да си замине, побара да и објаснат како се користат и како се ставаат хируршките маски и купи цело пакување со 50 парчиња.

-Господине Андонис, ни завршија маските. Треба да порачаме, му рече вработениот на сопственикот на аптеката, откако туристката го купи последното пакување.

-Сега разговарав со магацинот, одговори сопственикот и во разговор со дописничката на МИА од Атина, објасни дека тешко наоѓаат маски за да ја снабдат аптеката.

-Има тешкотии во набавката. Никој не очекуваше ваква побарувачка. Кинезите купуваат цели пакувања. Не купуваат по една две маски. Ги праќаат во Кина или од тука ги купуваат за да ги однесат во Кина, вели тој.

Аптека што се наоѓа на една од најтуристичките локации во Атина веќе една седмица нема никакви медицински маски, ниту од најевтините, ниту од најскапите.

-Купуваат толку многу што јас во овој момент немам. Веќе една седмица чекам да ми донесат, вели сопственичката.

Во другите аптеки што ги посети дописничката на МИА во строгиот центар на Атина, имаат маски, но немаат голем избор.

Медицински маски, сепак, не купуваат само туристите од Кина, туку и Грците. Побарувачката, велат сопствениците на аптеки и вработените е неспоредливо зголемена во однос на лани, но Грците не купуваат по цели пакувања, туку по една до две маски.

Во јавниот превоз во Атина, особено во метрото, во изминатиот период веќе е секојдневие сѐ повеќе луѓе што носат маски. Некои едноставно сакаат да се заштитат од сезонскиот грип, други пак се исплашени од коронавирусот.

Фармацевтите велат дека нема покачување на цените во аптеките и тие се движат од 20 центи до 4 евра, во зависност од квалитетот на маската.

Натписи на кинески јазик во аптеките

Не се ретки и аптеките кои на влезната врата имаат натпис на кинески јазик. Една таква аптека посети дописничката на МИА од Атина и иако очекувањето беше дека сопственикот сака да ги извести муштериите од Кина дека има или нема маски, сепак пораката е да не влегуваат групно во аптеката

-Дозволено е влегување во аптеката за само едно лице, пишува на кинески јазик на влезната врата.

Сопственикот објаснува дека се решил на таков чекор бидејќи „влегува цела група внатре по 10 или повеќе луѓе“ и коментира дека можеби некој од нив е болен, а и тој самиот, носи заштитна маска.

Федерација на вработени во државните болници: За 300 отсто е зголемена цената на маските

Од Федерацијата на вработени во државните болници во Грција обвинуваат за профитерство, односно дека поради недостигот на медицински маски, зголемена е за 300 проценти набавната цена на маските наменети за болниците.

Објавуваат и фактура со која ги поддржуваат нивните тврдења. Велат дека обичните маски чинеле 0,0116 евра плус ДДВ, а сега се 0,032 плус ддв. Додека пак маските со висока заштита од 0,64 евра + ДДВ сега се 2 евра + ДДВ.

-Цената за набавка на обични хируршки маски и маски со висока заштита поради зголемената потреба во изминатите денови се зголеми за 300 отсто. Ова се однесува на болниците кои купуваат маски по договор или болници кои немаат склучено договор, а ги и има многу, соопштуваат од Федерацијата.

Сања Ристовска/МИА

 

Поврзани новости