Не постои гласачка измама која што не може да биде откриена!

by Фокус 14:46
14:46

Текстот е објавен на шести мај 2011-та во неделникот „Фокус“ во бројот 827

Пишувала
Мимоза РИСТОВА

- Advertising -

Низ нашата кратка историја на независноста и младата демократија секако дека се покажаа разни изборни измами. Извештаите на ОБСЕ од последната деценија укажуваат на неколку видови класични измами кои лесно се откриваат. Инаку, обиди за спорадични изборни измами постојат насекаде, дури и таму каде што демократијата брои вековна историја. Но, да се разбереме на време, дека масовните изборни измами лесно се откриваат.

Затоа, обидите за измамите треба со сите средства да се спречат. Ако не успееме да ги спречиме, тогаш треба да ги откриеме на дело, документираме и пријавиме. Потоа останува само да ги убедиме ЧЕСНИТЕ СУДИИ да постапат според законот и да ги ПОНИШТАТ изборите таму каде што треба. Потоа, под засилен мониторинг, на таквите места треба да се спроведат чесни повторни избори!

За предизборијето се споменуваат следниве измами:

1. Проширување на гласачките листи со граѓани кои не се квалификуваат, познато како „пакување“ на гласачките списоци. Во гласачките листи може да се внесат не само умрени, туку и малолетници и граѓаните што немаат македонско државјанство. Гласачките ливчиња што се испечатени на нивна глава потоа можат да се злоупотребат.

2. Исклучување на регистрирани гласачи од гласачкиот список. Ова е обратно од претходното, а се прави така што имиња на регистрирани гласачи, за кои со сигурност се знае дека ќе гласаат за спротивната страна, намерно се дисквалификуваат од списокот со лажна документација дека се починати. Последниве се обично повозрасни, па немаат проверено на интернет. Кога ќе се појават на гласачкото место, ќе бидат изненадени што не се на списокот, но никој нема да може да ја поправи таквата „случајно настаната грешка“!

Од изборните измами, пак, се споменуваат следниве:

1.Купување гласови.

Кинескиот воз е веќе светски позната технологија, па дури и во југоисточна Азија. Во извештајот за последните избори на Филипини се појавува името на техниката на ланецот „лансадера“ која се опишува исто како и нашиот сега очекуван „Бугарски воз“. Во извештајот за Филипини се кажува дека крадењето на првото ливче на Бугарскиот воз го прават така што првиот оди да гласа, го краде ливчето, а во кутијата става нешто повеќекратно здиплено, што по бојата наликува на гласачкото ливче. Потоа ланецот и возот прилегаат како јајце на јајце.

Исто така, глас за некој кандидат се купува со пари, а доказот за тоа е снимката од заокруженото ливче направена со камерата на мобилниот телефон.

Како и да е, чесните и свесните граѓани не треба да си го продаваат својот глас. Оние што ѓаволот ќе ги понесе, та ќе се продадат, можат сѐ уште да си го исперат гревот со тоа што на ливчето најпрво ќе го заокружат она што им го побарал нарачателот, потоа ќе го сликаат со мобилниот во оваа фаза, а потоа веднаш ќе го поништат со прецртување, па на тој начин ќе го претвораат во неважечки глас.

2. Купување негативни гласови. Ова е прилично едноставна активност. Ако кандидатот со сигурност знае дека некој гласач нема да гласа за него, тогаш ќе го потплати за да не излегува на изборите.

3. Полнење кутии со гласачки ливчиња. Ова е најпознатиот начин на измама во историјата на изборите во РМ, и едновремено најбезумната. Овој начин се случува како последица на претходна кражба на вистински или креирање на фалсификувани ливчиња.

Кај нас оваа измама ја видоа мониторите и судовите најмногу од партиските активисти на ДПА. Активистите зафатени од занесот на партиската кауза безумно ги полнеле кутиите со ливчиња, така што, на крајот резултатот од тие гласачки места изнесувал 100 отсто излезност и едновремено 99 или 100 отсто за ДПА. Притоа, просечната излезност на изборите во РМ во 2008 година изнесувал 57 отсто.

Ваквите екстремни резултати комисијата и судот треба недвосмислено да ги отфрлаат. И секој друг резултат што дава статистички абнормална излезност или абнормална склоност кон едноумие треба да се преиспита и преброи, т.е. да се бара прегласување.

4. Одвраќање на гласачите од гласачкото место (ова има исти импликации како и купувањето негативни гласови). И ваквите методи, во форма на физичко попречување на гласачи за кои се знае со сигурност дека ќе гласаат поинаку од насилниците-протагонисти во оваа измама, му се добро познати на искуството од изборите во независна РМ. Извештаите кажуваат дека во околината на 17 гласачки места во 2008 година биле забележани тензии.

5. Групно гласање, гласање за друг регистриран гласач. Групното гласање е повреда на човековите права и фундаментални слободи. Ваквиот недозволен начин беше забележан меѓу руралните припадници од албанска националност. Степенот на едукација на жената – Албанка со време ќе доведе до анулирање на ваквата изборна измама.

Гласање за друг регистриран гласач се превенира со помош на флуоресцентниот спреј. Но, дури и при изборите во Велика Британија се покажале примери за оваа изборна измама (примерот кога една мајка гласала и за ќерката). Притоа никој не знае како настанала хемиска манипулација на флуоресцентниот спреј, или едноставно, комисијата била преморена и не забележала. Сепак, ваквите гласачки нерегуларности не доведуваат до сериозни промени во конечните резултати, бидејќи тие се случуваат скоро подеднакво кај сите албански партии (и владејачки и опозициски).

6. Погрешно читање на гласачкото ливче – пренасочувањето на гласовите од еден кон друг кандидат (случајот Шекерова версус Шекеринска). За време на предвремените парламентарни избори во РМ во 2008 беше забележана и една комплетно легална измама со која гласовите од еден се пренасочија кон сосем друг кандидат од сосема друга партија.

Овој тип измама ја користи неидеалноста на човечкиот ум да чита со целосно декодирање на знаците. Имено, подучени од некоја добро платена ПР агенција, „нашиве“ измамници најверојатно го искористиле сознанието дека поголем дел од возрасните читаат со препознавање. Можеби кандидатката Рада Шекерова беше случајно „падната од небо па во ребра“ кандидат во Скопје од, исто така, случајно именуваната партија СДПМ (една буква различна од СДСМ), но јас поскоро ќе поверувам дека таа беше некоја женичка изнајдена од базите на МВР за да ја создаде гласачка забуна што резултираше во ненамерно одлевање на гласовите од кандидатката на СДСМ, Радмила Шекеринска.

Инаку, Шекерова беше ставена на гласачкото ливче на повисоко место од Шекеринска, па гласачите најпрво наидуваа на тоа име и веднаш го заокружуваа!

Се прашувам, каде е тој активистички лик на дотичната Рада Шекерова последниве 2 години во јавниот и политички живот? Ако беше вистински противкандидат на Шекеринска, зарем таа немаше да ги пројави своите политички активности сиве овие години. Инаку, во извештајот на ОБСЕ за изборите 2008 се вели дека СДСМ поднеле претставка, којашто судот ја отфрлил, бидејќи, и навистина, тука никој не сторил ништо противзаконско. Едноставно, ЛЕГАЛНА ИЗМАМА!

Клучна улога во елиминирањето на ваквата потенцијална измама треба да ја одиграат активистите на СДСМ. Имено, ако и овој пат се појави името на дотичната или на некоја друга, слична како Рада Шеќерова, тогаш СДСМ треба да ги извести своите гласачи, да испечати памфлет со објаснување, да ги извести на секој возможен легален начин до 24 часа пред изборите за постоењето на ваквиот ТРОЈАНСКИ КОЊ кој не треба да го заокружуваат во никој случај, доколку сакаат да гласаат за Радмила Шеќеринска од СДСМ.

7. Физичко уништување на гласачките ливчиња или гласачките кутии.

8. Замена на гласачките ливчиња или гласачките кутии.

9. Фалсификување на бројките од гласовите во листите со резултатите од пребројувањето.  Внесување на една погрешна цифра во четвороцифрен број од гласови може лесно да пројде незабележана, бидејќи дотогаш комисијата веќе ќе биде физички и ментално заморена. Ако некој ја забележи ваквата грешка, тогаш престапникот може да се правда со сопствениот премор. Затоа, гласовите треба да ги пребројуваат по најмалку тројца членови на комисијата, бројките во листите треба да ги проверуваат по неколку пати, а да ги верифицираат набљудувачите.

10. Фалсификување на извештајот од изборите. Ако се обезбеди присуство на мониторите и партиските активисти од сите страни, ако согласувањето на бројните резултати се проверува повеќе пати, тогаш  ваквата измама е практично невозможна во оваа дигитална ера.

Како и да е, сите чинители на политичкиот живот имаат доволно време да се подготват на овие избори да застанат во одбрана на честа и угледот на РМ во меѓународната заедница, со тоа што на своите партиски активисти ќе им укажат на невозможноста да се стори ИДЕАЛНА ГЛАСАЧКА ИЗМАМА, без да бидат откриени.

Од друга страна, пак, политичките партии треба да си отворат по два пара очи за да ги оневозможат политичките противници во ИЗМАМАТА и нејзиното влијание врз конечните изборни резултати. И треба гласно да се каже дека оној којшто ќе се служи со измама на изборите – тој е ДУШМАН на земјата, оти тој придонесува за лошите оценки во извештаите на меѓународната заедница за демократските промени во земјава. Во спротивно, извештаите од изборите за нашата земја, наместо да се слични на оние од земјите на Европската Унија, тие по ништо нема да се разликуваат од извештаите за земјите на Северна Африка, Југоисточна Азија и Јужна Америка!

Поврзани новости