Не можеме сите да летуваме во Дубаи и Мексико, договорете се со Грција за протоколи за летување, реагираат граѓаните

by fokus

Што се однесува до преговорите со Грција, ние директно не преговараме со грчката влада, имајќи во предвид дека интерес на секоја држава е да поттикне што повеќе туристи кај себе, односно во Северна Македонија, како што е целта на Министерството за економија и за тоа ќе продолжиме да спроведуваме мерки за поттикнување на странските туристи, но и нашите домашни туристи да ги посетат нашите туристички дестинации- изјави министерот за економија Крешник Бенктеши, под чија надлежност е туризмот, откако денес Србија и Грција се договорија српските туристи да можат да влезат во Грција, со потврда за вакцина, или пак со негативен тест.

Српските граѓани ќе можат да патуваат во Грција од средината на април, кога се очекува да се отворат границите, а пак за децата помали од десет години, нема да биде потребен ниту негативен тест.

Веста дека нашата Влада не размислува да преговара со соседна Грција, со цел нашите граѓани да можат да патуваат и да летуваат таму претстојната сезона, наиде на револт од страна на јавноста.

Омилената дестинација на огромен број на наши туристи, според ставот на Бенктеши, најверојатно ќе остане недостижна и ова лето, а голем број на туристички агенции од земјава реагираат и бараат преиспитување на оваа одлука.

Туристички агенции од Тиквешијата, кои во минатото, пред панедмијата имале редовни еднодневни тури до грчките летувалишта, за кои се барало билет повеќе, велат дека едвај успеваат да врзат крај со крај. Минатата година им била неверојатно тешка, но се надевале дека барем годинава ќе се отвори можноста за патување во Грција, дестинација за која се одлучувале околу 90 проценти од нивните клиенти.

-Неверојатно е ова што се случува, не ни е јасно како може да се нема слух за потребите на агенциите, кои се борат да преживеат во овие тешки времиња, и не можеме да сфатиме зошто не се оди по примерот на Србија. Имавме очекувања од претстојната сезона, но по изјавата на министерот за економија, јасно е дека пред нас доаѓа уште потежок период. Во ред е да се бараат начини за поддршка на домашниот туризам, но не може, доколку постојат услови за договор со Грција, тоа да се занемари и на граѓаните да им се ускрати правото да летуваат на море, според одредените протоколи – реагираат тур операторите.

На социјалните мрежи исто така има низа на реакции од граѓаните, по повод ставот на министерот Бенктеши. Актуелни се коментарите дека домашните туристи свесно ќе бидат оставени без избор, а пак оние со подлабок џеб, кои сепак ќе решат да летуваат надвор од земјава, и без Грција ќе најдат начин да летуваат на море, на дестинации кои се повеќекратно поскапи, како што е случајот со Сејшели, Малдиви, Мексико, Дубаи, Катар…

Се апелира да се постигне договор со Грција, која важи за примамлива, но и дестинација со достапна цена за нашиот стандард, потсетувајќи дека не секој граѓанин може да си дозволи летување во Дубаи или пак Мексико.

И од туристичката агенција ,,Савана” велат дека агенциите со право очекуваат поддршка од државата на оваа тема. Апелираат да се следи примерот на Србија, бидејќи се во прашање големи суми на пари.

-Кај нас голем дел од граѓаните се решаваат да уплатат за летување уште во декември, јануари, бидејќи така е поисплатливо поради попустите… Тоа се случуваше пред пандемијата, и многу лица уплатија резервации како во Грција, така и во други земји. Уплатените средства не остануваат во агенциите, туку завршуваат кај крајниот субјект.
Лани, кога започна пандемијата и се затворија границите, останаа заробени огромни средства, според моја слободна проценка околу два до три милиони евра, пари на граѓаните кои уплатиле во агенциите во земјава, не претпоставувајќи што ќе се случува. Со уредба, беше дефинирано тие средства да можат да си ги искористат до крајот на 2021 година. Точните податоци и суми ги има Министерството за економија, за секој еден ваучер од туристичките агенции. Со оваа одлука, да не се преговара со Грција, се нанесува штета од невиден размер врз агенциите – за ,,Фокус” раскажува Мирче Пешевски од ,,Савана”.

Додава дека според уредбата, ако туристите не ги искористат своите ваучери до 31-ви декември 2021 година, крајниот субјект ги враќа средствата на агенцијата, која потоа има должност да им ги врати на туристите. Но, вели дека се надева како нема да дојде до тоа, и дека нашата држава ќе најде начин туристите од земјава да можат да патуваат во Грција. Во спротивно, агенциите кои работеле со 99 проценти опаднат промет, тешко дека ќе можеле да застанат на нозе.

Туристи пак, кои минатата година пред да биде прогласена пандемијата, уплатиле за летување во Грција, велат дека ова е разочарувачки за нив.

-Направивме резервација бидејќи така е поевтино, а и плаќањето е на рати. Лани беше јасно дека нема да може да се летува во Грција, но се надевавме дека годинава ќе можеме да ги искористиме ваучерите, посебно кога има најава дека границите се отвораат за други земји. Ако и годинава нема да можеме да летуваме во Грција, за каде уште лани оставивме капар во агенциите, тогаш нормално дека ќе бараме враќање на уплатените средства. Револтира тоа што ете, другите земји ќе им овозможат престој во Грција на своите граѓани, а нам најверојатно тоа право ќе ни биде скратено – ни раскажаа пензионери од Неготино, кои со години наназад летувале преку туристичка агенција, на рати, бидејќи така им било исплатливо.

-Договорот помеѓу Србија и Грција е добар чекор, кој го очекувавме и ние. Тоа ќе ни беше голема поддршка, апелираме државата да ја преиспита оваа одлука која ќе ни нанесе голема штета – апелираше Пешевски од ТА Савана.

Вики Клинчарова

Поврзани новости