Не гледам никакво приближување, не сме поблиску до 80 пратеници, смета Пендаровски

by fokus

Јас сум единствениот од актуелната политичка гарнитура кој година дена наназад зборува дека, ако направевме проценка по изгласувањето на францускиот предлог во Собрание, немаме шанса да направиме две третини, а тоа се гледа прилично брзо при консултација со пратеничките групи во парламентот, истакна македонскиот претседател, Стево Пендаровски во вечерашната емисија „Вин-Вин“ на ТВ Телма за уставните измени и потребното двотретинско мнозинство.

-Во таков случај, тоа прашање ние требаше да го тргнеме на страна и многу повеќе да се занимаваме со реформите внатре. Меѓутоа владата реши поинаку. Од тогаш до денес, јас сум единствениот кој реалистично кажува дека не гледам никакво приближување на двата блока за да се дојде до таа фамозна бројка од 80. Денеска не сме поблиску до 80 од тоа што бевме пред два месеца или пред 12 месеци, изјави Пендаровски.

Тој не смета дека треба да се откажеме, бидејќи тешко се приближуваат ставовите, но, според негово убедување, изгубивме страшно многу време, политички, занимавајќи се со прашањето наречено Бугарија и Бугарите во Устав.

Златно време кое што можевме да го потрошиме и на други теми, а ова беше тема со која се отвораа и затвораа вести и дебатни емисии, затоа што ние како политичари ви го сервиравме тоа како тема. Навистина мислам дека изгубивме време за едно прашање кое е бенигно по својата содржина и јасно што ќе значи ако го направиме како чин и ги ставиме Бугарите во уставот, меѓутоа наместо да направиме приоретизирање на темите, ние, речиси, година и половина се занимаваме само со Бугарија и тоа е изгубено време, смета Пендаровски.

Поврзани новости