Националните телевизии добиле 740.000 евра за референдумот, некои радиодифузери не прикажале прецизни бројки

by Фокус

Отстапување меѓу вредноста на извршените услуги за рекламирање искажана во фактурите и нивната вредност изкажана во приложените медиа-планови, утврдил Државниот завод за ревизија по ревизијата извршена врз финансискиот извештај на наменската сметка на собранието за јавната кампања за референдумот што се оддржа минатата 2018 година за Преспанскиот договор.

Имено, ДЗР утврдил дека финансискиот извештај на наменската сметка на собранието за референдумот бил вистинит и објективен, меѓутоа истовремено утврдени се „разлики помеѓу податоците од извештаите на Агенцијата за следење на известувањето на радиодифузерите за време на референдумот и извештаите од радиодифузерите за искористен рекламен простор“.

Конкретно, во извештајот се посочува дека еден радиодифузер доставил фактура со износ кој бил повисок за 294.000 денари во однос на вкупниот износ од реализирани секунди во медиа-плановите, додека доставените фактури од други два радиодифузери биле во помал износ од 2.416.000 денари во однос на медиа-плановите.

Тоа, според ревизорите, не е во согласност со Член 12 од Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници со што, според нив, се влијае врз вистинитоста на искажаните расходи во финансискиот извештај. Затоа, тие препорачуваат да се изготвува целосна и точна документација околу фактурите.

Во однос на ваквите наводи, од собранието одговориле дека добавувачите кои доставиле фактури во помал, односно поголем износ до собранието во однос на нивните планови, ги потврдиле износите на испорачаната фактура за извршените услуги порачани од собранието.

Инаку, финансикиот извештај покажува дека вкупните приходи на сметката од државниот буџет за пропаганда за референдумот изнесувале 55.404.000 денари, при што најголем дел од нив – 45.478.000 денари, претставувале расходи за објави на националните телевизии, а остатокот во износ од 9.926.000 денари биле за печатени медиуми и локални телевизии.

Како што е познато, владата одлучи да ги насочи буџетските средства за референдумот кон собранието како овластен предлагач, кое потоа ги распределуваше кон парламентарните партии кои се залагаа за активно учество во процесот.

В.С.

Поврзани новости