НАТО со предупредување: „Подгответе се за отворен конфликт со Русија во следните 20 години“

by Fokus

Цивилите мора да се подготват за сеопфатна војна со Русија во следните 20 години, предупреди денеска претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Роб Бауер и додаде дека, покрај вооружените сили, ќе има и голем број мобилизирани цивили и дека на владите им останува да воспостават системи за управување со тој процес, пишува британскиот весник Телеграф.

„Мораме да разбереме дека мирот не е загарантиран. И затоа ние (НАТО) се подготвуваме за конфликт со Русија. Но, дискусијата е многу поширока. Воено-индустриската база и народот треба да разберат дека играат улога“, рече Бауер и предупреди дека работите нема да бидат „одлични“ во следните 20 години.

Околу 90.000 војници на НАТО следната недела ќе ја започнат најголемата воена вежба на блокот од Студената војна, јавуваат светските агенции. Вежбата на НАТО Steadfast Defender 2024 има повеќе од двојно учество откако беше најавена минатата година и е специјално дизајнирана да ја подготви Алијансата за руска инвазија, но високи претставници на НАТО се сè позагрижени што владите и приватните производители на оружје заостануваат во подготовките за внатрешна план, оценува Телеграф.

Залихите на оружје и муниција на НАТО се исцрпени поради конфликтот во Украина и ќе бидат потребни години за да се надополни со сегашната стапка на производство.

Во меѓувреме, Русија тројно ги зголеми воените расходи на 40 отсто од вкупниот национален буџет, додека драстично ги забрза производствените линии. Западната помош за Украина се намали поради зголеменото противење на јавноста во САД и Европската унија.

Поврзани новости