Наскоро наддавање за конфискуваниот имот на Мијалков

by Fokus

Конфискуваниот имот на поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков одземен во предметот „Империја“, за кратко ќе биде објавен на јавно електронско наддавање, соопшти новиот директор на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу во извештајот за стотте дена од работа на Агенцијата.

Тој најави поскоро извршување за актуелните случаи за конфискација за кои има судски пресуди, случајот „Труст“ или „Трансмет“ и случајот „Бачило“ познат како Иснифарис Џемаили кој е доста стар.

-Беше изработен Предлог Нов Закон, со кој се изнајдени квалитетни решенија во извршувањето на неспроведливите конфискации и менаџирање со одземениот имот. Во поглед на Законот, иницирав неколку состаноци на највисико ниво со цел за нивно запознавање и давање на дополнителен напор за поскоро донесување на Предлог-законот со што би се отворил патот за унапредување на практиката на Агенцијата, а со самото тоа и би се зголемила и подобрила ефикасноста, но и напорите на органите на прогонот во Република Северна Македонија за борба против криминалот и корупцијата, изјави Небиу.

И по повеќе од една година откако Мијалков призна вина за предметот „Империја“ и се спогоди со Обвинителството, имотот што му го конфискуваше државата во вредност од 15 милиони евра се уште не е продаден.

Овој случај последно беше споменат деновиве на средба меѓу министерот за правда Кренар Лога и директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу на која се разговарало за новиот предлог Закон за управување со конфискуван имот.

На списокот од 33 имотни листови чија вкупна вредност е 15 милиони евра, а во кои е впишана сопственоста на име на Агенција за конфискација на имот е и шумата во Горно Курилово на Водно од 650 метри квадратни и веднаш до неа градежна парцела од речиси 4 илјади метри квадратни.

Потоа земјиште во место Џибарица на Кожув и илјадници метри квадратни земјоделско земјиште во близина на Богданци. Една од парцелите во близина на Богданци е и предмет на експропријација, затоа што таму бил превиден пат.

Одземени му се на Мијалков два стана од 46 и 58 квадрати на адреса Горица во Охрид. Потоа му е е одземен имот под зграда во Охрид со површина од 2 740 м2 од хотел во Охрид, сето тоа во вредност од 360 илјади евра. Мијалков остана и без два апартмани во Панорама Резиденс во Скопје од 91 и 94 метри квадратни.

Тој остана и без градежно земјиште и апартмани во Центар. Станува збор за неколку парцели и 25 апартмани во две згради, гаражи, деловни простори адреса Славејко Арсов на Водно, сето тоа во вредност од 3,5 милиони евра. Податоците од Катастар покажуваат дека првата зграда на адреса Салвејко Арсов 138 имала намена мотел или хостел, додека втората на број 148 е изградена како хотел.

Со продажбата на имотот треба парите да се вратат во државниот буџет.

Поврзани новости