Нашите политичари за Нова година: Плетени џемпери со Дедо Мраз и топли влечки, наместо луксуз и гламур!

by Fokus

Во пресрет на Новогодишните празници, еуфоријата се повеќе се чувствува на накитените плоштади со светкави елки и лампиони, украсените дуќани… Понудите на агенциите за дочекот на најлудата ноќ ги има во изобилство, дестинации и аранжмани за сечиј вкус. Плановите за дочекот, новата гардероба, празничната трпеза се само дел од магијата на празникот.

Со цел да ви доловиме дел од претпразничното расположение и како планираат да ја дочекаат Новата и испратат старата година, разговаравме со дел од нашите актуелни политичари. Но, наместо да слушнеме приказни за свечен дочек, во елитниот амбиент на некој хотел или пак зимски туристички центар, нашите политичари оваа година решиле да ја прослават дома, скромно, да ги облечат топлите џемпери со апликации со еленот Рудолф и Дедо Мраз, да ги навлечат удобните домашни влечки и да се дружат со најблиските пред телевизор, со руска салата и кифлички.

Познатите ски центри од регионот не се место каде некој од нив планирал да слави, и годинава речиси сите претпочитале да си останат дома. На прашањето колку пари ќе ги чини дочекот, не добивме одговор од никого. Скромно, умерено, без многу фама – одговараат сите.

Пратеничката Фросина Ременски е една од многуте наши политичари која годинава ќе слави во домашен амбиент.

– Со години наназад Новата Година ја пречекувам дома во кругот на моите најблиски и драги пријатели. Скромно, без многу расфрлања со храна. Највеселиот дел од овој период е писмото до Дедо Мраз што го пишуваат моите деца и чинот на радост кога желбите ќе бидат исполнети. Овој период за мене е време плус поминато со моите родители и други драги луѓе на кои во текот на годината немам доволно време да им посветам внимание – вели Ременски.

И министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски годинава најверојатно ќе остане дома.

-Се уште е рано да знам со сигурност каде ќе бидам за Нова година, но вообичаено тоа е дома – изјави тој, при тоа не откривајќи дали ќе слави со девојката или со големо друштво.

Роберт Алаѓозовски, актуелен министер за култура, празниците ќе ги поминел со семејството.

-Ќе славиме во домашни услови, со семејството, евентуално со уште еден пар. Со години наназад за Нова година сме во Скопје. Не сакам хотели и гужви, ми одговара интимен зимски амбиент. Можеби за викенд ќе заминеме до некој наш зимски центар, но за Нова година најубаво ни е во домашни услови – вели тој.

Министерот за финансии, Драган Тевдоски, поради новородената ќерка која на Нова година ќе полнела 40 дена, вели дека ќе остане дома.

– Бебето е се уште многу мало, заедно со сопругата и двете поголеми ќерки ќе бидеме во нашиот дом. Можеби ќе ни дојдат и пријатели, заедно да прославиме. И во минатото најчесто за Нова година се собираме во домот на блиски луѓе – раскажува Тевдоски.

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска исто така празниците ќе ги поминела дома.

-Јас уште не сум свесна дека се ближи Нова година. Инаку, изминативе години славиме во друштво со пријатели. Се собираме четири пара, и една година кај едни, друга кај други… Каде ќе бидеме се договараме неколку дена пред дочекот. Буџетот ќе ми зависи од тоа каде ќе славиме, дали кај нас или кај некој друг, бидејќи тој што е домаќин, тој купува и подготвува. Практично, Нова година ја претвораме во она што во минатото се нарекуваше одење на гости, а кое со современото темпо на живеење исчезна – вели Дескоска.

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев исто така планира да остане во Скопје. -Лани бевме во викендичка со девојка ми и со друштво. Годинава или исто, или пак ќе се собереме во некое диско во Скопје. Немам многу време за шетање – тврди тој.

Премиерот Зоран Заев планирал со сопругата Зорица да ја дочека Новата година во Солун, соседна Грција, но се уште не била дефинитивна одлуката.

Заменикот на претседателот на владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, со сопругата и со двете деца ќе славел дома.

-Најверојатно дома со децата, доволно љубов, малку руска салата, музика… Ние имаме оправдување, две мали деца – вели неговата сопруга Валбона.

-Новогодишната ноќ ќе ја поминам во друштво на децата без родители и децата од семејствата кои беа под Кале, а од неодамна се привремено сместени во една од установите во надлежност на МТСП. Таму ќе бидам заедно со моето семејство. За таа прилика децата подготвуваат новогодишна претстава, а МТСП обезбеди симболични подароци преку донации од компании. Инаку, не е предвидено трошење на буџетски средства за прославата. Парите на министерството се потребни за згрижување и помош на лица во ризик, за нивна интеграција во заедницата, за реформи на системот. Дружењето, разговорот и личната поддршка се бесплатни, а се од посебно значење за луѓе кои се на маргините на општеството и се секојдневно соочени со предрасуди и дискриминација – раскажа Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Дали дома или пак во ресторан, сите се согласуваат дека празникот е најубав кога се слави со семејството. Испратија желби за здравје, љубов и среќа, и порака дека најскапите нешта во животот не се купуваат со пари.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт и со повеќето политичари од ВМРО-ДПМНЕ, за да ги прашаме како ќе ги прослават новогодишените празници, но никој од нив не креваше на телефон.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости