Нашите гласачи сами ќе одлучат меѓу БЕСА и ДУИ, порача Заев

by fokus

Нашите поддржувачи одлучуваат слободно. Никој од нас нашите гласачи не ги носи во џебот, ниту некој има контрола врз нив, рече денеска претседателот на СДСМ, Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање дали се договориле со владините партнери ДУИ и БЕСА кого ќе поддржат во вториот круг на локалните избори.

– Тука се поставува и уште едно прашање: Што правиме во Долнени или Чашка, Арачиново.. Кога како коалициски партнери имаме два кандидати, нормално нашите поддржувачи одлучуваат слободно. За поддржувачите, рековме и во недела вечерта, дека никој од нас нашите гласачи не ги носи во џебот, ниту некој има конторла врз нив, рече Заев на денешната прес-конференција во одговор на прашање.

Тој додаде дека гласачите можат да ги привлечат со нивната програма или нивните кандидати, и врз основа на тоа да го бараат нивниот глас и нивната поддршка.

Заев посочи и дека инструкции можат да дадат само на нивните членови, но не и на симпатизери.

– Ние на нашите членови можеме да дадеме инструкции, на нашите активисти, тие што се определиле за СДСМ и кои во наше име ја презентираат нашата програма пред другите и бараат поддршка. Нашите симпатизери сами се определуваат на изборите, рече Заев.

Тој смета дека е понижување кон секој граѓанин кој дал свој глас и ќе се препознае „во повикот на Заев, Милевски или Ахмети, сега да му се каже за кого да гласа“.

– Секој граѓанин има свој интегритет и секој граѓанин знае што е најдобро, не само за себе, за својата општина, за својата земја. И апсолутно повикот за вредности во кој сите веруваме е своевиден повик до сите граѓани да се определат онака како што мислат и да се борат за својата земја, да се борат за својата општина. Четири години зависи од личностите што ги бираат, но сега, во првиот и во вториот круг зависи токму од граѓаните и од никој друг, нагласи Заев.

Поврзани новости