Нашиот Хавел

by Фокус

Никола Тодоров рече дека протестите против државниот испит биле како во времето на сталинизмот. Со оглед на тоа дека помеѓу студентите што протестираа се наоѓаше и професорот Ѓорѓи Марјановиќ, без никaква намера на Никола Тодоров да му објаснувам кој е Ѓорѓи Марјановиќ (впрочем, невозможно е да му објаснувате нешто некому кој е убеден дека знае се: од право, образование, медицина доздравство), туку повеќе за помладите генерации, ќе се обидам со неколку случки да опишам каков интелектуален великан е професорот Марјановиќ и со каква гордост, стручност и самоувереност ја обавуваше професорската функција.

Во 1983 година во Струга, на 21 советување на Југословенското здружение за кривично право и криминологија, професорот Марјановиќ го изложува својот реферат со кој бара декриминализација на тн. вербален деликт односно бара во тогашната комунистичка Југославија луѓето да можат слободно да го изразуваат своето критичко мислење без страв од кривичен прогон.

По ова, тргнува вистинска лавина од напади  против  професорот  што доведе до покренување на постапка за негово исклучување од Сојузот на комунистите бидејќи таквите ставови  беа  оценети  од партијата  како исклучително опасни за комунистичкото уредување од причина што значеа скриено барање за воведување  на  повеќепартиски  систем.

Партиско судење

Беше организирано партиско судење, но професорот Марјановиќ ја претрка партијата и во текот на  постапката  самиот  ја  врати  партиската  книшка. Неговата сопруга, професорката Мира Марјановиќ веќе се беше помирила со тоа дека нивните  три  сина ќе  мора  да  ги  подига  исклучиво со нејзината плата, бидејќи бркањето од партија обично беше само првиот чекор по што непослушните  професори  ги  отстрануваа  од факултетот.  Нешто слично претходно го снајде професорот Славко Милосавлевски поради изнесување на слични ставови.

За прекрасно чудо, тогашните тврдокорни комунисти застанаа тука. Му ја оставија катедрата по кривично право на професорот Марјановиќ, му го почитуваа несомнениот интелект, научното ниво, непоткупливоста и принципиелноста. Едноставно им беше јасно дека лошото образование е кумулативна темпирана бомба во ткивото на еден народ и дека кога тогаш ќе експлодира со несогледивипоследици. За тоа каков професор беше Марјановиќ, ќе ви раскажам две случки од кои на втората бев и лично присутен.

1988 година комунистичкиот режим е се уште силен, претседател на државата е Ј.Б, а професорот Ѓорѓи Марјановиќ и понатаму вонемилост на власта. Еден ден, во кабинетот на професорот ѕвони телефонот, а од другата страна милозвучен глас: ,,Овде кабинетот на претседателот на Македонија”.

,,Овде кабинетот на професорот Марјановиќ”, одговара професорот.

,,Претседателот би сакал да ве види”, продолжува секретарката на претседателот.

,,Среда и петок имам приемен ден од 12 до 14 часот, кога сака некa дојде”, вели професорот

Од другата страна настапува молк. Секретарката, веројатно навикната по нејзиното јавување професорот да се наоѓа на половина пат кон кабинетот, сега треба да му пренесе на претседателот дека за да биде примен од професорот ќе треба да чека заедно со студентите во тесниот факултетски ходник. Пораката била пренесена, но маката на претседателот очигледно била голема, па претседателот веќе следната  среда  се  нацуцулил  пред  кабинетот  на  професорот.

По неколку куртоазно разменети зборови, професорот Марјановиќ го прашал престедателот што мака го мачи. Претседателот одговорил дека неговиот син студира право и дека ќе треба да полага кај него. На тоа, професорот му одговорил дека слушнал за синот на претседателот дека студира право и дека слушнал дека претседателот имал обичај  да  оди по  професори  што  воопшто  не  е  добро  оти некој ќе помисли или дека синот не сака да учи или дека не го бива за право.

Му ветил професорот на претседателот дека ќе се однесува спрема неговиот син татковски, како кон свое дете, по што претседателот постојано заблагодарувајќи се го напуштил професорскиот кабинет.

Синот на претседателот паднал на испитот по кривично право на следната сесија како и на неколку следни сесии.

Повторно следувало јавување  на  секретарката  која  барала  да  закаже  состанок  за  претседателот  на  Македонија,  а професорот ја потсетил на приемниот термин  во  неговиот  кабинет. Претседателот повторно се појавил во професорскиот кабинет.  Се пожалил дека се почувствувал како само да  му  наштетил  на  сина  си,  а професорот  му  имал  ветено  нешто.

Професорот, пак, рекол дека му ветил само дека кон неговиот син ќе се однесувал татковски, дека бил многу строг татко и дека нему на памет не му паѓало да оди по професорите на неговите синови. Му објаснил на претседателот дека и неговиот син има единици во Корчагин, но ако не му се повторува нема намера тој да оди да му ги поправи.

По оваа лекција претседателот си заминал и подоцна искористил некое службено патување на професорот Марјановиќ за син му да положи кај еден друг професор, инаку вечен истомисленик на секоја власт.

Вистинскиот дисидент

Пример втор. Во преполната аула на правниот факултет стоевме една поголема група на студенти. Ни пријде професорот Марјановиќ ина еден колега кој никако не успеваше да положи кривично право му се обрати со зборовите: ,,Вие колега, ќе разберете ли дека со подарување на уметнички слики никогаш нема да го положите испитот? Многу поедноставно би ви било да седнете и да научите”.

Колегата се правдаше дека без негово знаење, некој нему близок што ја знаел големата љубов на професорот кон уметноста се понудилпроблемот да го реши со подарување на уметничка слика. Епилогот веќе го знаете. Колегата наредната сесија го загреа столчето и го положи испитот. Професорот знаеше целиот хонорар за издаден учебник да го потроши за да си се почeсти со уметничка слика, но никого  не чeстеше  со  незаслужена  оценка.

Во 1990, во февруари требаше да се одржат еднопартиски избори во Македонија. Професорот Марјановиќ и неговата и мојата Лига за демократија предложија одлагање на изборите за на есен со цел да се формираат и други партии и во Македонија за прв пат да сеодржат повеќепартиски избори. ВМРО-ДПМНЕ во тоа време се уште не беше формирана.

Марјановиќ му поднесе отворена кривична пријава на Слободан Милошевиќ во време кога сите македонски автобуси беа излепени со сликите на Слобо. Кога го прашав зошто смета дека треба да ја поднесе таа кривична пријава,  ми одговори: ,,Тој човек е диктатор и ако му дозволиме да ја приграби власта која ја посакува, ќе не уништи сите”.

Марјановиќ со Лигата за демократија предложија одржување на референдум по кој Македонија стана независна држава. Навистина сечудни патиштата божји и човечките судбини. 24 години подоцна, Никола Тодоров и Диме Спасов во министерски кабинети ги решаваат големите државни прашања, меѓу кои и образованието, а професорот Марјановиќ со транспарент на минус 5 степени стои пред владата и протестира против нивните решенија. Наместо да си ги чукнат тоа тиквите, тие во  недостаток  на  аргументи  за  луѓето  што  протестираатвелат дека се инструирани од сталинисти. Тој човек можеби беше единствениот вистински дисидент во едноумието, тој беше нашиот Хавел. Тој ,,сталинист” одлучи на својот народ да му го подари преводот на Прустовото дело ,,Во потрага по изгубеното време” со желба да докаже дека македонскиот јазик е доволно богат за да овозможи превод на еден од најкомплексните литературни дела во историјата.

Господине Тодоров,

Ако околу нешто се согласуваме, тоа е фактот дека образовниот систем во Македонија е катастрофален. Но, за тоа не се виновни студентите и лошата состојба не може да се реши со еден обичен испит макар бил и државен. Виновни сте сите вие кои бевте власт идозволивте секое село да се преименува во студентски град.

Универзитетски градови направивте од пусти паланки во кои целокупниот социјален живот се одвива пред кооперација на гајби од пиво со мезење на евтина салама. Дозволивте пензионирани заставници од ЈНА да отворат факултети и згора на тоа со купени дипломи да држат катедри. Дозволивте Латас да биде професор. Е сега, Цацко ви е крив, па удри по студентите!

Александар Тортевски, адвокат

Поврзани новости