Народот е гол

by Фокус 10:08
10:08

Пишува
Синоличка ТРПКОВА

Дури и со просечна информираност и едукација, човек лесно може да заклучи дека во „Скопје 2014“ нема креативност, симболика, историска вредност, а најмалку уметност. Верувам дека едно дете има повеќе фантазија и инспирација од сите креатори на оваа машина за перење пари. Човек, доколку е отворен и љубопитен, со време станува флексибилен, но и прагматичен во однос на сопствените вкусови.

- Advertisements -

И можеме да се криеме колку сакаме зад ‒ за вкусовите не се дискутира! А за невкусовите? Пустец, Жерновски, Шиповиќ, протестите пред општината, отпуштањето на вработените, сите овие настани го добиваат  вистинското (симболично) значење во однос на ова монументално режимско (не)дело. Погоден е Центарот на метата. Затоа Центар боли и боде очи, затоа таму се чепка непрекинато.

„Капитализмот“ што ни го донесе новото време безобразно ни влезе дома, ни се распосла на троседот стар педесет години, ни го збрлаве умот. Сардисани од немаштија, немаме време да распознаваме лага од вистина, уметност од кич, вкус од невкус, мирис од смрдеа, слобода од ропство. Го живееме она што не може да се нарече вистински живот, а можеби полуживот, сведени на релација: работа ‒ сендвичарница ‒ кинеска продавница. Само стомакот да е полн, а голотијата покриена.

МИСЛЕЊЕТО НЕПРИЈАТЕЛ НА РЕЖИМОТ

И внатре и надвор се изнаполнивме со пластика. Нашата стварност стана една „пластичарска улица“, во која власта си реди „играчки“ за народот да си поигра, откако ќе се накрка и облече, да заборави на дребните работи што го мачат, како чешање, пот и киселини во стомакот.

Режимската локомотива чури и ги прекрива со чад последните бои од скорешното, сè уште голо минато, со една единствена боја – сивата. Велат сивата и црната не биле бои зашто ги нема во спектарот. Тие можеби не се бои, но ние секојдневно ги живееме. Сивата и црната се нашиот модерен општествен тренд. На други места тие значат криза, конзервативен пристап ‒ за другите бои да не бодат очи. Кај нас тие ја покриваат нашата посрамена духовна голотија.

Во едно вакво опкружување заличуваме на рипки што немаат очи и се ориентираат според сензорите за сиво и црно. Понекогаш, за жал многу ретко, ќе се појави некаде виножито, за да нѐ потсети дека природата дарила бои и нијанси. Ама боите будат чувства, чувствата тераат на мислење, а мислењето овде е забрането и е непријател на режимот. Не би ме зачудило ако власта донесе закон со кој ќе забрани употреба на бои.

Се сеќавам кога пред триесет години првпат бев во Русија и кога забележав недостиг од сите бои, а, пред сè, на црвената (освен во државните обележја). Тоа беше мојот прв впечаток за земјата. Присуството на бојата на животот, на животната разновидност и страст, е непријател на секој авторитарен поредок.

Кога живеев на Запад, ме убиваше колоритноста што ми ги полнеше очите и кога сакав и кога не сакав. А луѓето, сепак, не беа оптоварени и згрозени од големата доза шаренило. Ниту во Африка голите тела на луѓето од традиционалните племиња обоени во различни бои, не се закана за моралот на тамошниот народ, туку напротив, претставуваат нивно културно обележје, обележје на нивната различност и индивидуалност.

ВЕСЕЛОСТ, СЛОБОДА, РАЗЛИЧНОСТ, СПОМЕНИ НАМЕСТО ПЛАСТИЧАРСКОТО СИВИЛО НА РЕЖИМСКИТЕ ОЏАЦИ

Кога првпат ја видов зградата во центарот на Скопје со освежени бои, почувствував веселост, потреба за чист воздух, потреба за уметност, потреба за сонце по дожд, за слобода на израз, за различност, но и потреба за спомени. Не стасав дури ни да помислам за изборот и композицијата на боите. Едноставно, имав само пријатно чувство, кое беше изненадување за моите сетила, веќе испрашени од забревтаните режимски оџаци.

И така ќе останеше доколку не се јавеа дежурните „шегобијци“ од власта со своите штири, невкусни и најмалку духовити „толкувања и видувања“ за различните бои во Центар, што отсликуваат една поразлична визија за тоа како урбаното живеење може да изгледа. Разбрав, всушност, колку силно ги пече раната зашто станува сè подлабока.

Кукавички ги исекоа дрвјата, ни ги сотреа корените, ги забетонираа Водно и Вардар, уништија сѐ што е белег на она што сме биле. Донесоа нов пластичен свет среде „градот убав“, во кој царуваат бојата на сивилото и парите. Додека светот татни од експлозии од бои и настани, нашите водачи промовираат „пластична“ живеачка, криминал и лажен морал. Зашто само тие најдобро да ти знаеле што му требало на народот, како што родителите најдобро си ги знаат потребите на децата.

Обновените бои на старата зграда во Центар, всушност, безобразно ја открија сета наша духовна и физичка голотија, скриена под пластичниот смоквин лист. Прашање е само на време кога и тој конечно ќе падне и кога толпата, заморена од сивото, пластично секојдневие ќе рикне – Народот е гол!

Поврзани новости