Најчевска: Владата ништо не промени и лага е дека извршителите се јавни службеници!

by Fokus

Професорката и доктор по правни науки, Мирјана Најчевска, во интервју за „Независен“, вели дека извршителството не смее да стане приватен бизнис, а според неа, незаконски е блокирање на сметките на граѓаните.

„Во целата оваа работа, посебна улога имаат банките. Според мене, крајно незаконски, неправно се врши блокирање на сметките на граѓаните. Дури и тогаш кога имаат средства на своите сметки, станува збор за многу мали суми, наместо согласно законот тие средства да бидат подигнати од одредена сметка, се врши блокирање на сметките и граѓаните се изложуваат на непотребни трошоци за нивно деблокирање, со што се богатат само банките и тоа крајно незаконски“, истакна Најчевска.

Притоа, таа упати низа критики кон актуелната владејачка гарнитура во врска со извршувањето.

„Ништо не променија, заради тоа што упорно се зборува дека извршителите се јавни службеници, но тоа е една од најголемите лаги. Тие не се ниту под законот на јавни службеници ни под законот за административни службеници. Значи, тоа се приватни структури кои најприватно го вршат она што се вика изнудување на долг. И автоматски, единствена цел, мотив им е да заработат што е можно повеќе, како и секој приватник што влегол во одреден бизнис. Во моментот кога извршувањето се префрла од она што претставува извршување на судски одлуки во она што претставува бизнис-сфера, во тој момент се атакува врз граѓаните и всушност многу често слушаме дека овој систем е поефикасен и дека државата е многу задоволна. Но, не е работата државата и власта да бидат задоволни туку граѓаните да бидат задоволни. Во случајов токму граѓаните, и тоа токму оние што се статусно и социјално незаштитени, се најизложени на атакот на извршителите“, додаде Најчевска.

Поврзани новости