На Мијалков му се заканува максимална затворска казна од 31 години, како обвинет во четири случаи

by fokus

Поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет во четири случаи на СЈО и тоа „Титаник 2“ за изборните измами, „Тортура“ за апсењето на Љубе Бошкоски, „Трезор“ за незаконска набавка на опрема и „Тврдина и „Титаник“ за нелегалното прсилушување.

Доколку се соберат предвидените затворски казни за делата за кои се гони, тогаш може да се каже дека на Мијалков му се заканува максимална затворска казна од 31 години затвор.

Сепак ова е само статистичка претпоставка, односно збир на максималните казни кои му запретуваат, бидејќи доколку биде осуден, може да добие и многу помали затворски казни.

Во случајот „Титаник 2“ за Мијалков е поднесен обвинителен предлог во кој се гони за кривичното дело „примање награда за противзаконито влијание“ за што е предвидена затворска казна од една до пет години.

Во случајот „Тортура“ против него е поднесен обвинителен акт, каде што се гони за кривичното дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“ за што е запретена затворска казна од три до осум години.

Во случајот „Трезор“ против Мијалков е поднесен обвинителен акт, во кој се гони за  „злоупотреба на службената положба и овластување“ за што е предвидена казна од најмалку пет години.

Во случајот за нелегалното прислушување „Тврдина“ и „Титаник“, пак, за Мијалков е поднесен обвинителен предлог, во кој се гони три кривични дела и тоа за злосторничко здружување за што е предвидена казна од една до пет години, за злоупотреба на службената положба, за што е пропишана казна од шест месеци до пет години и примање награда за противзаконито влијание, кое се казнува со една до три години.

Разликата меѓу обвинителен акт и обвинителен предлог е тоа што, првите одат на оцена во Кривичниот суд, односно кривичен совет одлучува дали ќе го прифати обвинението во целост, ќе го отфрли или ќе го врати на доработка, а обвинителниот предлог оди по скратена постапка, односно не се испраќа на оцена, туку веднаш влегува во судница.

Во обвинителните акти се опфатени кривични дела кои предвидуваат повисоки затворски казни, а во обвинителните предлога помали казни.

В.В.

Поврзани новости