На хартија сме први за е-трговија, но во пракса на претпоследно место во Европа

by fokus

На хартија Македононија има одлична подготовка за е-трговија, но во пракса е на претпоследното место од сите европски држави со само 20 проценти онлајн купувачи, беше истакнато на денешната Прва конференција за е-трговија во Македонија, што се одржува во Скопје.

Статистичките податоци од Народната банка на Република Македонија покажуваат дека Македонците во првото полугодие од годинава потрошиле 63 милиони евра за онлајн купување што претставува раст во однос на истиот период лани, но, сепак, се уште заостануваме во однос на процентот на онлајн купувачи во европски рамки.

– Ако споредиме со првото полугодие од минатата година имаме раст од 20 проценти, но она што не радува е тоа дека растот кон домашните трговци е поголем, отколку кон странските. Тоа значи дека Македонците потрошиле повеќе пари на домашни купувања со што се менува трендот, односно структурата на купување е 65 проценти кон странски компании наспроти лани кога имало 70 проценти кон странски компании, изјави Нина Ангеловска, претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија и коосновач и директор на Grouper.mk

Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, мора да се работи на тоа граѓаните да бидат сигурни дека нивните лични податоци ќе бидат заштитени при онлајн купувањето.

– Она што е за нас и на кое треба да работиме е граѓаните да бидат сигурни дека нивните лични податоци се безбедни и од аспект на законите, но и од аспект на компаниите кои ги нудат овие услуги. Во таа насока ја усвоивме новата Стратегија за сајбер безбедност и го имаме изготвено Акцискиот план за сајбер безбедност што мора да биде спроведен и од страна на институциите и од страна на бизнис секторот. Со еден збор Македонија ита кон дигитализација и првите видливи резултати кои граѓаните ќе може да ги почувствуваат ќе бидат достапни на почетокот на 2019 година, преку регистарот и новиот национален портал за електронски услуги.

Поврзани новости