На 21 февруари ќе стартува судењето за организаторите на “27 април”

by fokus

На 21 февруари ќе стартува судењето за организаторите на “27 април”. Ова денеска го откри обвинителката Вилма Русковска, на денешното судење за “Рекет”, барајќи од судијката на овој датум да не закажува рочиште.

Ова значи дека на обвинителна клупа наскоро ќе седнат Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски.

Овој случај, според изборот на АКМИС системот, ќе го судат судиите Илија Трпков и судијата Владимир Туфегџиќ, како втор судија.

Според обвинителството, на почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на земјата, обвинетите подготвиле и реализирале план со акти на насилство да оневозможат мирно примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство.

“Во почетокот на 2017 година по неуспешните преговори за формирање Влада, обвинетите Груевски, Трајко Вељановски, Миле Јанакиески, Спиро Ристовски, Владимир Атанасовски и Никола Бошковски, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акти на насилство за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство, организирале протести кои материјално ги помагале, постојано го намалувале бројот на полициски службеници ангажирани за обезбедување на протестите и на Собранието во кои ги вклучиле патриотските здруженија, презеле мерки да се отстранат пречките за да се овозможи непречен влез на масата народ во Собранието, ангажирале лица за вршење насилство за да се оневозможи и спречи избор на Претседател на Собранието…, пишува во обвинението за „27 април“, кое го објави „Фокус“.

В.В.

Поврзани новости