Чулев на средба со членови на ДИК, избирачкиот список ќе им биде доставен навреме

by Fokus

Министерството за внатрешни работи во рамки на законот ќе ги преземе сите активности во насока на обезбедување слободни, фер и демократски избори, како и во насока на гарантирање на безбедноста на изборите, информирал министерот Наќе Чулев на денешната средба со членовите на Државната изборна комисија (ДИК).

Во однос на избирачкиот список, министерот Чулев потенцирал дека од страна на МВР ќе бидат преземени сите законски обврски и тој ќе биде навреме доставен до ДИК.

Како што соопштија од МВР, Чулев истакнал дека во пресрет на изборите сите полициски службеници ќе поминат соодветна обука, а на располагање ќе им бидат ставени дополнителни технички ресурси кои ќе бидат потребни за непречено извршување на работните задачи.

Како резултат на добрата и успешна соработка со ДИК, стои во соопштението, ќе биде потпишан кодекс за начинот на постапување на полициските службеници.

На состанокот со членовите на ДИК, министерот Чулев посочувајќи дека соработката на МВР со ДИК е исклучително добра, истакнал дека министерството и во иднина стои на располагање за продлабочување на таа соработка.

Претседателот на ДИК се заблагодарил за добрата соработка со МВР, која е од исклучително значење за размени на информации и успешно спроведување на целиот изборен процес

Поврзани новости