МЗ: Вчера аплицирани 11.393 вакцини против Ковид-19

by Fokus

На вакциналните пунктови во државата заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 408 953 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 8 355 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 11 393 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 652.680 дози вакцини, а ревакцинирани се 243 727 граѓани, информира Министерството за здравство.

Од Министерството соопштуваат дека вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот за вакцинација секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата vakcinacija.mk е 496.228 граѓани.

– Со последните бројки 54 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина,  52 отсто од населението над 65 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина, 47 отсто од населението над 60 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина и 39 отсто од населението над 50 години е вакцинирано  со барем една доза вакцина, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.

Вакцинацијата, како што посочуваат од Министерството, се спроведува согласно Националниот план за имунизација. Се вакцинираат возрасни лица, граѓани кои искажале интерес за вакцинација на веб страницата vakcinacija.mk а се вакцинираат и лица вработени во критична инфраструктура. Масовна вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.

Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на vakcinacija.mk бидејќи тоа е најлесниот и најбрз пат да се вакцинираат.

Поврзани новости