МЗ: Сите модуларни болници се градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди

by fokus

Министерството за здравство соопшти дека сите 19 модуларни ковид болници во државата, се типски објекти, градени по највисоки медицински и безбедносни стандарди. Модуларните ковид центри, вклучувајќи ја и болницата во Тетово, како што се посочува, се отворени после технички прием.

При градбата на сите модуларни болници, вградените материјали се сертифицирани. Ковид центарот во Тетово е проектиран со три влеза, ходниците се широки 2,4 метри а парапетите на прозорите се ниски во случај на евакуација. Во објектот не е користено дрво и запазени се сите други потребни елементи за заштита. При пуштање во употреба, направен е уреден технички прием. При градбата има уредно документирани записници за незначителни технички забелешки – силиконирање лајсни на подот, нивелирање на сифон во тоалет, продолжување на дел од олуците сл. По овие барања, е постапено и истите се санирани пред пуштање во употреба и хоспитализација на пациенти. Овие документи ќе бидат доставени на увид на јавноста и медиумите уште денеска, информираат од Министерството.

Ковид – центарот во Тетово, како што се истакнува, ги поседува и сите потребни сертификати за заштита при несреќи.

Од Министерството апелираат да не се шпекулира со ваквите информации и очекуваат експертите и истражните органи што побрзо да го истражат случајот за оваа страотна несреќа.

-Сите аспекти на случајот да бидат предмет на темелна и брза истрага и секако одговорност доколку истрагата го покаже тоа. Самите модуларни ковид – центри беа и се уште се клучни во справување со пандемијата и хоспитализацијата на пациенти. Истите се градени по највисоки стандарди, а набавката која Министерството за здравство ја правеше е согласно стандардите за ваквите болници кои се користат во многу земји во светот, стои во соопштението.

Поврзани новости