МВР: Убиената девојка била задавена

by Фокус

За убиството што синоќа се случи кај Детската клиника во Скопје, односно откако беше задавена 31-годишна девојка, која што според неофицијални информации работела како медицинска сестра, се огласи и Министерството за внатрешни работи. Од МВР појаснуваат дека немилиот настан се случил околу 20 часот.

-Околу 18 часот, по претходен договор на 22-годишниот Н.К. од скопското село Петровец и 31-годишната Д.З. од истото село, се сретнале во покривната просторија на Детската клиника. Помеѓу нив настанала вербална расправија и во еден момент осомничениот физички ја нападнал Д.З. и со употреба на физичка сила ја задавил. Потоа, од засега непознати причини, Н.К. го одвлекол и го оставил безживотното тело на една од покривните тераси и истиот седнал на работ од покривот, со намера да скокне од зградата и да се самоубие, се наведува во соопштението на МВР.

Од министерството додаваат дека, по убиството, осомничениот, бил забележан од пациент, кој го повикал болничкото обезбедување, а тие пак се јавиле во полиција.

-На местото на настанот е излезено од страна на припадници на Единицата за прв одговор и интервенција “Алфа” и Единицата за специјални задачи кои го пренеле безживотното тело на Одделението за интензивна нега каде што и покрај напорите, медицинската екипа не успеала да ја реанимира Д.З. Околу 22,35 часот осомничениот е симнат од покривот и приведен, велат од МВР.

Во текот на денешниот ден против приведениот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело “убиство”, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатата е предадено за обдукција во Институтот за судска медицина.

Поврзани новости