МРТ контра Финансиска полиција: Немало проневера на пари во МРТ

by Fokus

Македонската радио телевизија најостро ја демантира денешната прес конференција на Управата за финансиска полиција за наводна злоупотреба на процедурата и проневера на средствата од земениот кредит во 2015 година, се наведува во соопштението ЈРП Македонска радиотелевизија.

– Ја известуваме јавноста дека постапката за кредитот е согласно сите законски процедури и средствата од истиот се наменски искористени, се наведува во соопштението.

Во него пишува и дека во 2012 година имало наследено долгови во висина од 24.435.474 евра , а дека по превземените “сериозни мерки на рационализација на трошоците, планот за штедење и други активности МРТ врати 13.000.000 евра стари долгови”.

– Во овој момент МРТ тековно должи само 197.128 евра што преставува историско најниска задолженост од своето формирање до денес, наведуваат од МРТ.

Управата за финансиска полиција денеска соопшти дека поднела кривична пријава против директор на МРТВ кој во текот на 2015 ја злоупотребил службена должност и овластување со тоа што земал кредит од банка во износ од околу 140 милиони денари, а притоа склучил договор за залог на имотот на претпријатието во вредност од над 294 милиони денари без да добие согласност од Собранието. Имотот, како што соопштија од финасиската полиција бил околу 154 милиони денари поголем од вредноста на кредитот.

Од МРТ наведуваат дека тие работат со посебен закон за Аудио и аудио визуелни медиумски услуги, а не според Законот за Јавни претпријатија и затоа “немаат обврска да бараат согласност од Собранието”.

Поврзани новости