Можно е и Мијалков да оди во домашен притвор како Рашковски

by fokus

Неделава се очекува Апелација да пресече дали поранешниот прв човек на УБК, Сашо Мијалков, ќе излезе од истражниот затвор „Скопје“, односно дали ќе му биде прифатена понудената гаранција од 10,8 милиони евра. Но во игра е и опцијата, гаранцијата да не биде земена во обзир, а Мијалков да се испрати во домашен притвор.

Имено, пред второстепениот суд веќе се наоѓа жалбата на Мијалков, но и одлуката на вишиот јавен обвинител Бурим Рустеми, кој смета дека жалбата, и покрај милионската гранција, треба да биде одбиена, односно Мијалков и понатаму да остане во притвор.
Неодамна Кривичниот суд одлучи да ја му ја одбие гаранцијата, и покрај позитивното мислење на обвинителот Артан Ајро.

Доколку сега Апелациониот суд ја прифати гаранцијата на екс директорот тој ќе се брани од слобода, односно слободно ќе се движи, а во случај да избега ќе остане покус за имот во вредност од 10,8 милиони евра.

Сепак, можна е и варијантата Апелациониот суд воопшто да не ја разгледува гаранцијата, како што постапи во случајот  со Драги Рашковски, туку да одлучи да го испрати во домашен притвор. Кога се прифаќа гаранција, пак, тогаш опцијата е само излез на слобода.

Шпекулациите дека Мијалков набрзо ќе излезе од „Шутка“ се засилија кон крајот на минатата недела, кога Обвинителството информираше дека никој нема кривично да одговара за неодамнешното бегство на екс директорот.

Поточно во петокот обвинителката Ленче Ристоска ја затвори предистрагата за неговото бегство, потенцирајќи дека не била утврдена кривична одговорност, односно дека не било утврдено дека некој му дошепнал на Мијалков за одлуката за домашен притвор за предемтот „Таргет и Тврдина“. Во предистрагата не било точно утврдено каде се криел Мијалков речиси 48 часа, но се посочува дека најверојатно излегол од задниот дел на неговата куќе и се засолнил во некој од објектите во близина. Потоа тој одлучи самиот да се појави во обвинителството.

Мијалков неодамна беше осуден на 8 годишна казна затвор за случајот „Трезор“. За случајот со нелегалното масовно прислушување „Таргет и Тврдина“, пак, поранешниот директор на УБК беше осуден на казна затвор од 12 години.

Валентина Вурмо

Поврзани новости