Можен ли е пресврт во Тетово и Струга во вториот круг, дали ќе има цензус за градоначалник на Гостивар?

Колку заладените односи меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН можат да ја нарушат нивната соработка на вториот изборен круг, што, доколку се случи, би можело да резултира и со пресврт во некои општини?

by vlatko 20:28
20:28

Откако делумно се нарушија и заладија односите меѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН во пресрет на вториот круг од локалните избори, дали е можно тоа да влијае врз нивната изборна соработка и да се случи пресврт во дел од општините каде се води тесна трка за избор на градоначалник?

Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ не извади кандидати за градоначалници во сите големи општини со албанско мнозинско население, со исклучок на Кичево, туку ги поддржа кандидатите на коалицискиот партнер ВЛЕН, или, пак, двете страни застанаа зад независен кандидат.

Меѓу нив беа и скопските општини Чаир и Сарај, каде кандидатите на ВЛЕН станаа градоначалници уште во првиот изборен круг. Ако за Чаир поддршката од ВМРО-ДПМНЕ немаше пресудно влијание, тогаш, кога ќе се спореди гласањето за градоначалник и за совет, произлегува дека во Сарај таа се покажа како клучна за избор на градоначалник.

Имено, кандидатот на ВЛЕН Мухамет Елмази го победи кандидатот на НАИ Блерант Рамадани со резултат 9.664 наспроти 9.139, додека на советничките листи НАИ освои 9.205, а ВЛЕН 9.004 гласови. Оттука, може да се претпостави дека во градоначалничката трка клучна била поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, чија советничка листа за Општина Сарај освои 589 гласови.

Затоа, се поставува прашањето дали заладените односи меѓу коалициските партнери можат да ја нарушат соработката меѓу нив на вториот изборен круг и дали поради тоа ВМРО-ДПМНЕ може да ја повлече поддршката за кандидатите на ВЛЕН, што би резултирало и со пресврт во некои општини?

Инаку, главниот револт во ВМРО-ДПМНЕ, за што говореше и партискиот лидер и премиер Христијан Мицкоски, е насочен кон еден од лидерите на ВЛЕН и градоначалник на Тетово Биљал Касами, кој на овие избори е во трка за втор последователен градоначалнички мандат и во вториот круг за оваа функција ќе се натпреварува со Бајрам Реџепи од ДУИ.

За потсетување, на претходните локални избори во 2021 година Касами во првиот круг загуби од тогашната градоначалничка од ДУИ Теута Арифи во првиот круг, но во вториот круг успеа да направи пресврт и да стане градоначалник како резултат на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, по која двете страни воспоставија соработка на локално ниво, а подоцна и на централно ниво.

На овие избори, пак, Касами во првиот круг освои 19.028 гласови, додека неговиот противкандидат од ДУИ Реџепи освои 15.272 гласови. Покрај нив, кандидатката на Левица Катка Божиновска освои 3.298 гласови, а кандидатот на ВМРО-НП Стевица Саркоски освои 1.625 гласови.

Што се однесува до трката за тетовскиот совет, советничката листа на ВЛЕН освои 15.981 гласови, листата на НАИ освои 13.911 гласови, листата на ВМРО-ДПМНЕ освои 4.205 гласови, листата на Левица освои 1.358 гласови, листата на СДСМ освои 1.238 гласови итн.

Имајќи го тоа во предвид, и Касами и Реџепи освоиле повеќе гласови од советничките листи на партиите, односно коалициите што ги кандидираат, со тоа што оваа разлика е двојно поголема кај Касами, кој освои 3.047 гласови повеќе отколку советничката листа на ВЛЕН, додека Реџепи освои 1.361 гласови повеќе од листата на НАИ.

Со оглед на тоа, Касами може да се надева дека и без, условно кажано, македонска поддршка ќе стане градоначалник, бидејќи ВЛЕН како коалиција имаше подобар резултат и подобар исход од НАИ на советничките листи.

Меѓутоа, поради заемната поддршка сигурно голем дел од оние над 4 илјади Македонци што гласале за ВМРО-ДПМНЕ на советничката листа истовремено гласале за Касами за градоначалник, па прашање е што би се случило ако тие одлучат да бојкотираат во вториот круг, или, пак, да го поддржат Реџепи.

Во тој контекст, во првиот круг Касами освои точно 3.756 гласови повеќе од Реџепи, што е помалку од бројот на гласови што ВМРО-ДПМНЕ ги освои на советничката листа, а воедно мора да има во предвид дека има и уште поголем број на македонски гласачи кои гласале за листите на СДСМ, Левица, НП, кои многу лесно може да направат пресврт во втор круг.

Ако ситуацијата во Тетово е многу комплицирана, тогаш многу едноставно е во Струга, каде во првиот круг тесно победи независниот кандидат Менду Ќура, поддржат од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН. Поточно, тој освои 9.934 гласови или само 215 гласови повеќе од кандидатот на НАИ Арсим Далипи, кој освои 9.719 гласови.

Кога ќе се погледне гласањето за советот на Општина Струга, јасно е дека предноста на Ќура е производ на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ, која на советничката листа освои 5.749 гласови, што е повеќе од гласовите што ги освои ВЛЕН – 4.059 гласови. Заедно, ВМРО и ВЛЕН на советничките листи освоија 9.808 гласови, што е скоро колку оние 9.934 гласови што ги освои Ќура.

Сепак, најмногу советници во струшкиот совет ќе има НАИ, чија советничка листа освои 7.587 гласови. Иако за вториот круг во Струга се можни безброј комбинации и сценарија, сепак, факт е дека доколку ВМРО-ДПМНЕ само делумно ја повлече поддршката за Ќура тој ќе ја загуби тесната градоначалничка трка со Далипи.

Инаку, Мицкоски деновиве изјави: „Крвавевме како ВМРО-ДПМНЕ и поднесовме жртва. Не беше лесно, многу ми беше тешко кога ги гледам нашите сопартијци од Тетово, Гостивар, од Струга, Чаир, Дебар и за тоа плативме цена и за тоа има жртва. И ние не бараме ништо, не бараме за возврат ништо, затоа што имаме цел, ние бараме почит за жртвата што сме ја дале за друг, не ја добивме, и тоа нема да го заборавиме“.

Тој алудира пред се на Касами, кој даде изјава во насока на поддршка на Фатмир Дехари од ДУИ во Кичево, кој во вториот круг ќе се соочи со Александар Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ, со цел и проценка дека ДУИ ќе ги поддржи кандидатите на ВЛЕН во други општини каде тие ќе се соочат со кандидати на ВМРО-ДПМНЕ, како Долнени и Брвеница.

Да, секако, ние во Кичево, бидејќи нашата кандидатура не помина, каде што има Албанци во вториот круг, ќе ги поддржиме Албанците. Верувам дека и ДУИ ќе го стори истото. Бидејќи во Брвеница, кандидатот на ВЛЕН отиде во втор круг со кандидатот на ВМРО ДПМНЕ или во општина Долнени. Се надеваме дека ДУИ ќе ги поддржи овие кандидати – рече тој.

Веднаш потоа, Мицкоски реагираше дека сите оние што се надеваат дека со етноцентрични теми ќе добијат нешто во политиката треба да го видат и да научат од примерот и падот на ДУИ, што, според него, е добра лекција и за „некои други политичари на македонската политичка сцена“.

Мора да разберат дека за да бидеме коалициски партнери, треба да сме подготвени да се обединиме и да поддржиме вредности, а не да се поделиме за етнички теми и прашања низ призмата на шовинизам и слични етнички процедурални разлики. Ако е тоа така, тогаш апсолутно не ја гледам разликата помеѓу нив и Али (Ахмети) од Зајас, кого сакаат да го заменат – рече тој.

По ваквиот развој на настаните, Касами се обиде да ја спушти топката. На новинарско прашање како го коментира ставот на Мицкоски дека не треба да има поделба по етнички прашање за локални избори, тој истакна дека во Тетово сите знаат дека бил градоначалник на сите граѓани, без разлика на политичката, етничката и верската припадност.

Граѓаните знаат дека јас сум реализирал проекти, големи проекти, тоа и во села каде што имаат добиено моите политички конкуренти. Исто така сум реализирал проекти и во средини во општина Тетово кои се мнозинско од македонци, ромските, од турска заедница… За мене важни се граѓаните и во следниот период ќе работам за сите граѓани во општина Тетово, ќе бидам градоначалник на сите – порача тој.

За тоа, пак, дали коалицијата ВЛЕН ќе го поддржи кандидатот на ДУИ во Кичево, Касами вели: „Во овој период јас сум фокусиран на поддршката која треба да ја добијам од моите граѓани во Тетово, затоа што сега целиот ангажман ќе биде во тој правец. За другите теми има став дадено од коалицијата“.

На претстојното гласање, особено интересно ќе биде да се види и каков ќе биде расплетот во Општина Гостивар, но не од аспект кој ќе победи, туку дали ќе биде постигнат потребниот цензус за избор на градоначалник.

 

Конкретно, во Гостивар одѕивот беше 33,31 проценти, па недостигаа 0,02 отсто да се задоволи условот за излезност на една третина од населението, што значи дека ако гласале уште дваесетина избирачи гласањето ќе беше успешно и ќе немаше потреба да се повторува.

 

Во првиот круг за влакно ќе победеше кандидатот на НАИ Валбон Лимани од НАИ, кој освои 16.949 гласови, додека на второ место беше Себаедин Даути од ВЛЕН со освоени 4.221 гласови.

 

Поради тоа што НАИ беше голем фаворит за победа во оваа општина, очигледно дека стратегијата на власта беше да го оневозможат изборот на градоначалник преку делумен бојкот.

 

Ако оваа стратегија успее и не се избере градоначалник на повтореното гласање, тогаш владата ќе треба да назначи повереник на Гостивар.

 

Освен во Гостивар, прегласување ќе има во уште неколку општини каде традиционално тешко се обезбедува цензус – Врапчиште, Маврово Ростуше и Центар Жупа.

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести